Преку рубриката „На разговор со…“ ги следиме најактуелните случувања, најголемите проекти и најуспешни натпреварувања на неделно ниво во кои учествува нашето училиште. На десет дена пред комплетирање на „делегацијата“ на СОУ „Јане Сандански“ ги откриваме сите детали за најпопуларното средношколско Образовно рандеву 2014 преку разговорот со координаторот на МАССУМ организацијата во нашето училиште. Какво е Вашето досегашно искуство од МАССУМ натпреварите?
К.Ќ. МАССУМ Образовното рандеву постои веќе десетина години и нашето училиште учествува на него уште од самите почетоци. Во првите години секое Образовно рандеву се одржуваше во Скопје, на Скопскиот саем или во МНТ, но од 2010 година се организира во други градови-домаќини на натпреварувачите. Така, најпрво Образовното рандеву беше одржано во Прилеп, наредната година во Гостивар, потоа ние струмичани бевме домаќини, па Тетово и оваа година ќе се одржи во Крушево. Закажаниот термин е 25 и 26 април 2014 година.
Каков е досегашен успех на „делегацијата“ која ја сочинуваат нашите ученици?
К.Ќ. На МАССУМ натпреварите сме добивале голем број на награди. Скоро секоја година добиваме награди во образовните категории, а исто така и во послободните (уметнички) категории. Оваа година се организираат и спортски натпревари за кои се надевам дека ќе бидеме мегу најдобрите. За прв пат учениците може да се натпреваруваат во серва, Street ball и пинг понг. Општо, нашето училиште секоја година е меѓу првите три како севкупен учинок.
Кои категории мислите дека се најконкурентни?
К.Ќ. За нас како стручно економско училиште најконкурентни, а воедно и наједукативни се категориите маркетинг план, интервју за работа и јавно говорење и тие претставуваат предизвик за нашите ученици. Тоа не значи дека помалку ќе се подготвуваме и за спортски натпревари, модната ревија, филм и фотографија, поезијата, музичките групи и електронските натпревари. И во тие категории секогаш сме биле меѓу најдобрите и витрините ги красат многу медали и дипломи.
Која е ползата за учениците од овие натпревари?
К.Ќ. На овие натпревари приоритет е да се научи нешто повеќе, но најголемата придобивка е дружењето меѓу учесниците. Од таквите дружења можат да изродат и вечни пријателства.
Како да се поттикнат учениците да земат учество во натпреварите?
К.Ќ. Учениците секојдневно ме прашуваат и се интересираат за натпреварите за кои имаат најголеми афинитети, но сепак за жал сите не можат да учествуваат поради ограничениот број на учесници. За оние кои сакаат да работат можеме да организираме и училишни натпревари со што би ги поттикнале сите на активност.