Во тоа време биле многу мали за да се сеќаваат на Македонија со него како претседател, но денес како средношколци ја делат и покажуваат истата голема љубов кон таа мала држава. Борис Трајковски веруваше во човечките вредности, во Македонија и во подобра иднина за сите нејзини граѓани. Веруваат и нашите ученички Катерина Караманова и Елизабета Муканова. Нивната верба е толку силна што ги издигна над вкупно 117 млади средношколски умови. Нивниот пишан збор е толку оригинален што заслужи да го носи епитетот најдобар! Откако претходно ја објавивме веста за наградите на двете ученички по повод одбележувањето 10 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски, денеска им беа доделени наградите за најдобар есеј на тема „Верувам во Македонија“.
„Од царството на ветрот се создава вистинска вера, најслатката напивка ја пијат најжедните,а најголемата награда ја добиваат највредните. Верувам во Македонија, земјата во која заспиваме и се будиме заедно, сакам да остане, да постои, да ги чувствувам нејзините места на среќата. Во белиот разбуден простор на желбите ќе ни се врати сјајот во очите, пламенот во срцето. Македонија е местото каде ќе го остварам сонот!“, извадок од третонаградениот есеј на Елизабета Муканова.
Во просториите на Министерството за образование, на маса со министерот Спиро Ристовски и Вилма Трајковска, сопруга на струмичанецот Борис, ученичките Катерина и Елизабета беа прогласени за добитници на престижната награда пред претставниците на медиумите и целата јавност.
„Есеите беа инспирирани од татковината и вредностите во кои веруваше Борис. Им честитам, а најмногу се радувам што две од нив се од родниот град на Борис, Струмица, од гимназијата во која тој заврши. Неговиот слоган ’Верувам во Македонија’ го следеше во целиот мандат, уште на почетокот на кампањата тој веруваше во Македонија, во младите, во образованието. Верувам дека тоа ќе биде водилка и во вашите животи“, рече Вилма Трајковска.
Како што беше најавено на почетокот, наградите се состојат од таблет-компјутер, монографија за претседателот Борис Трајковски и паричен дел од 15.000, 10.000 и 5.000 денари.