Натпреварот Наноматеријали – материјали на иднината за две години стана хит меѓу учениците. За некои можеби најактуелен заради примамливите парични награди, но за сите подеднакво голема можност да го надоградуваат знаењето и да ги искористат своите визии за решенијата кои би ги понудиле на светот.
Регионален натпревар одржан во нашето училиште на крајот од месец февруари собра многу прекрасни проекти и идеи за специфична употреба на материјалите на иднината. Жирито претходната година испрати еден тим од нашето училиште на државниот натпревар, а годинава дури три тима успеаја да се најдат на првите места кои водат до натпреварување на национално ниво.
Христијан Мучев и Анета Ѓоргиева се ученици од трета година кои со својот проект насловен како Паметни материјали беа второнаградени и викендов ќе престојуваат во Струга каде ќе имаат шанса да го презентираат својот материјал. Ние се обидовме да откриеме повеќе детали за нивниот проект и подготовките за претстојните активности кои ги очекуваат.
„Процедурата за изработка на еден таков проект трае подолго време. Најпрво треба да се најде соодветна литература и информации, да се преведе доколку тоа е потребно, потоа естетски да се концепира и да се акцентираат најклучните информации“, раскажуваат учениците за динамиката на подготовките кои траеле околу 2 месеци.
Од разговорот откривме дека големо е нивното задоволство што се дел од најдобрите во Македонија и сметаат дека треба да се спојат повеќе фактори за да се помине регионалната фаза. Според нив, добро сработената тема, пополнета со корисни информации прибирани од руска и англиска литература, јасната поента и реалната примена на материјалите кои тие ги застапуваат претставени преку убедлива презентација со самодоверба на презентерите била нивниот успешен пат до награда од жирито.
Сепак, после првичниот успех на домашен терен учениците имаат причина плус за да ги средат впечатоците и тоа да резултира со преправање на некои недостатоци и евентуални празнини во нивниот проект со цел да го достигнат максимумот.
„Подготовките за државниот натпревар започнаа веднаш по регионалниот, бидејќи тоа беше само генерална проба после која моравме уште малку да ги доработиме темите, да собереме додатна литература и да се консултираме со менторот за можни подобрувања во презентирањето“, објаснува женскиот дел од овој вреден тим.
Според правилата, сите тимови се состојат од двајца ученици што некогаш може да биде проблем при подготовката, но не и за Мучев и Ѓоргиева кои ги спојува паралелката III-2 .
„За натпревар кој бара истражување тим од двајца е сосема доволно. Во нашиот случај обврските беа поделени подеднакво. Се разбира, соработката и споделувањето идеи и знаење со нашето опкружување ни е примарна карактеристика. Често се консултираме со другите тимови во врска со нашите теми“, вели Христијан Мучев.
За крај, ги прашавме колку паричната награда е движечка сила при подготовката за натпреварот и дали тоа е нивната главна мотивација. Добивме супер одговори кои докажуваат дека постојат ученици кои мудро знаат да ги искористат приликите што им се нудат во средното образование за да се надоградуваат на полето на нивните интереси.
„Кога прв пат ќе слушнете за паричната награда изгледа многу примамливо, но јас не поаѓам со помислата да се натпреварувам заради таа сума. Напротив, мојата цел е да го збогатам знаењето од областа на наносветот, како функционираат тие материјали и кои се нивните придобивки. Знаеме дека иднината е во нанотехнологијата и затоа сметам дека овој натпревар ќе ми отвори многу други врати во мојот живот и ќе одговори на многу прашања“, вели Христијан Мучев кој овој петок има и музички ангажман на финалето од Француска шансона 2014.
„Без разлика дали си победник или не, според мене, многу голем успех е воопшто да се учествува на ваков натпревар бидејќи добиваме шанса да „ѕирнеме“ во блиската иднина и да го конструираме нашиот живот според нашите потреби и цели“, вели скромно ученичката Анета Ѓоргиева.
Учениците се надеваат на успешно претставување на државниот натпревар каде ќе имаат конкуренција од 24 екипи-средношколци. Им посакуваме многу среќа и ги очекуваме да ги споделат импресиите по нивниот престој во Струга.