По петти пат оваа година Здружението на граѓани ОХО организира Trash Fashion Macedonia, натпревар на креации изработени со реупотреба на материјали, наменет за сите средни училишта кои се вклучени во програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“ која ја имплементира ОХO во соработка со Министерството за образование и наука на Република Македонија.
Trash Fashion Macedonia 2015, ќе се одржи на 3 јуни 2015 во МКЦ, по повод Светскиот ден на животната средина и на настанот ќе учествуваат тимови од повеќе од четириесет средни училишта во Македонија.
На рециклираниот модел Барок СКВО работеа ученичките Сара Алаѓозовска, Софија Макенаџиева и Јулија Станковска од трета година под менторство на професорката Анита Станковска.
За изборот на најдобрите модни дизајни и наградување на натпреварот Trash Fashion Macedonia 2015 ќе биде формирана комисија чија задача ќе биде да ги бодува сите модни дизајни. Комисијата ќе бодува според следниве критериуми: реупотреба на материјали, комплетен изглед, оригиналност, носивост на креацијата. Специфично е што за изработката на нашиот модел се употребени над 200 метри патенти, а за декорација ставени се и пердуви, фаталин и картон.
Целта на Trash Fashion Macеdоnia е на иновативен начин да ги поттикне и анимира младите да ја развијат свеста за заштита на животната средина, собирајќи го отпадот околу нив и да креираат оригинални модели преку неговата реупотреба.