Околу стотина ученици заедно со своите професори се ангажирани за подготвувањето на карневалската маска „Волшебна шума“ со која СОУ „Јане Сандански“ ќе се претстави утре на Интернационалната вечер на Струмичкиот карневал.
Стотина ученици од нашето училиште маскирани во самовили и еднорози со разни декорации утре вечер ќе го претстават волшебството на шумата пред присутните на традиционалниот карневал на градот. Тие заедно со професорите и други вработени во училиштето активно ја изработуваа маската која ќе настапи 19-та по ред од вкупно 42 поединечни и групни маски.
„Многу труд се вложува во изработка на маската. Да се подготват околу сто маски не е едноставна работа. Понекогаш се бара работа и до доцна во ноќта и затоа наградите ни се посебно драги кога се од карневалот“ – вели професорката Билјана Костадинова.
Како што вели професорката Костадинова, првичната идеја за маската била самовили, па потоа еднорози, за на крај од истите да се направи маската „Волшебна шума“. Подготовките за маската беа започнати кон крајот на првото полугодие и интензивно и со љубов се работеше на неа. На минатогодишниот карневал, маската на нашето училиште „Танц на животот“ со 52 поени беше избрана за најдобра маска.
Дел од текстот, изјавите и фотографиите се преземени од порталите www.strumicanet.com и www.kanalvis.com.