Учениците од Драмската секција вчера во големата сала на Центарот за култура премиерно ја изведоа драмата „Трошки надеж“, која ја подготвуваа речиси четири месеци, а истата ја пишуваа дел од учениците под режисерска лупа на својата професорка по Драмска уметност, Ѓургица Костадиновска.
По четиримесечни подготовки во смеа и радост, единаесет ученици од Драмската секција на училиштето вчера пред струмичката јавност премиерно ја одиграа претставата „Трошки надеж“. Публиката внимателно ја следеше приказната за Валерија, ученичката која се соочува со домашни и училишни проблеми откако доаѓа во нова срединa.
„Нема ништо поубаво од тоа што е сработено со љубов. Среќни сме што предизвикавме измешани емоции кај публиката и искрено се радуваме на сите ваши позитивни реакции и коментари“ – објави професорката Ѓургица Костадиновска на својот Фејсбук профил. „Малку сме и тажни што нашата четиримесечна работа и дружба заврши, но ова нека биде само поттик за многу вакви и уште подобри проекти“ – додаде таа.
Самото сценарио беше пишувано од ученичката Викторија Панова, а со помош од нејзините соученички Надица Трајкова и Моника Котева, под менторство и режисерска лупа на професорката Ѓургица Костадиновска. Тие создадоа кратка драма која ги претставува и проблемите и предизвиците на средношколците.