Парите од „Трошки надеж“ донирани за 14-годишниот Игор Геленчев

Во саботата премиерно во изведба на учениците од Драмската секција беше одиграна драмата „Трошки надеж“ која беше пишувана од самите ученици, под менторство на нивната професорка. Целиот настан имаше хуманитарна цел, а денеска парите собрани од претставата беа донирани за 14-годишниот Игор Геленчев кај кого е констатиран тумор на мозокот.

По четиримесечни подготовки, учениците премиерно во саботата пред струмичката јавност ја одиграа драмата „Трошки надеж“ која ги претставува проблемите со кои се соочува ученичка која се преселува во Струмица. Самото сценарио е напишано од Викторија Панова, со помош на нејзините соученички Надица Трајкова и Моника Котева, а под менторство на професорката Ѓургица Костадиновска.

Претставата имаше хуманитарна цел со што собраните 12,100 денари денеска беа донирани за 14-годишниот Игор Геленчев од Богданци. Кај Игор е констатиран тумор на мозокот и тој минатата година беше на операција во Турција, но потребна е уште една која треба да се реализира овој месец, а истата чини 19 илјади евра.

Донациите за лекувањето на Игор може да се дадат преку повик на 143-181 за Телеком или 143-468 за Вип/Оне кој чини 100 денари, или пак преку донирање на жиро сметката 200003205877055 во Стопанска банка АД Скопје. „На Игор му посакуваме успешна операција, што побрзо да оздрави и да му се радува на животот“ – велат учениците и професорката Костадиновска кои работеа на „Трошки надеж“.