Нашиот ученик Димитар Џорлев учествуваше на 15. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки која се одржа во Габороне, Боцвана заедно со 6-члениот национален тим, каде освои бронзен медал претставувајќи ја Македонија.
Тој беше дел од македонскиот тим составен од учениците Мила Ивановска, Дарко Стојчев, Бисера Јанчевска, Дамјан Јанчевски и Мајкл Георгиевски кои работеа со нивните ментори по физика, хемија и биологија – доц. д-р Ламбе Барандовски, проф. д-р Марина Стојановска и Елена Рафаиловска.
„Со задоволство го споделуваме успехот на македонските претставници. Честитки за Мила Ивановска, Дарко Стојчев и Димитар Џорлев за освоените бронзени медали! Честитки и за Дамјан Јанчевски, Мајкл Георгиевски и Бисера Јанчевска за претставувањето на својата земја како вистински амбасадори. Огромна благодарност до сите институции, приватни организации и поединци што го направија сето ова возможно“ – велат вклучените во организацијата на македонскиот тим.
Нивното учество на меѓународната олимпијада беше неизвесно поради финансиски средства, но потоа беа потпомогнати преку интернет донација отворена од Анита Кузмановска-Фелдман, дипломиран инженер по хемија, која живее во САД, преку која донација 120 донатори, наши иселеници и граѓани, одделија финансиски средства.
Тимот беше помогнат и од Агенцијата за млади и спорт, Фондот за иновации и технолошки развој, градоначалниците на Кавадарци и на Прилеп, Митко Јанчев и Борче Митевски, и фирмите „Кожувчанка“, „Вардар Доломит“ и „Витаминка“.
На меѓународната олимпијада учествуваа ученици од 50 земји од светот, ученици од основни училишта, до возраст од 16 години. Учениците беа подготвувани од Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ), Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ) и Македонското биолошко друштво (МБД).