ДУЕЛ: Постои ли стара слава?

Овој професорско-ученички дуел допира до една појава којашто е толку многу застапена, а неразработена. Старата слава некои ја уживаат – некои ја посакуваат, но никој не зборува отворено за неа. Прочитајте ги мислењата од две различни гледни точки преку овој дуел помеѓу професорот Илија Караманов и ученикот Димитар Дончев.   
karamanovoci
Илија Караманов – професор по редовна и изборна економија и практична настава

Стара слава, постои или не, ја почитуваме или не, ја практицираме или не?
Одговорите на овие кратки прашања ги наоѓаме во секојдневното функционирање на луѓето, и тоа не само во образованието, туку во сите други сегменти на секојдневието. Ја има во работата, во културата, во здравството, во спортот, музиката… Секојдневно се среќаваме со коментари од типот: „Погледни го овој, тој е веќе минато, но се шлепува на стара слава, на заслуги…“

Кај нас во образованието, кај професорите постои почит за минатиот труд на ученикот, но проблемот не е во почитта. Проблемот е во убедувањето на ученикот дека тоа не е неговата опција за успех во иднината, туку дека единствено работата, стекнувањето секојдневно нови знаења, способности може да му гарантира дека утре лесно ќе се справи со проблемите кои го очекуваат и во понатамошното образование, а и во животот воопшто зашто, проблемите не прашуваат каков си бил во минатото, туку од тебе бараат правилни решенија, храброст, остроумност, одважност, знаење…

Уште поголема задача имаме ние професорите – да им овозможиме и на оние ученици кои на својот „грб“ нè носат стара слава, да стекнат таков „багаж“ преку мотивирање за учење, стекнување знаења, како единствен начин на гарантиран успех во понатамошното образование, работа, во животот воопшто. Ова треба да го сфатиме ние професорите, учениците, но и нивните родители пред сè! И јас сум родител.

Димитар Дончев – ученик во трета година

Стара слава, ја има или не? Мојот одговор е да. Можеби не во голема мера, но сепак присутна е. Свесни сме дека ја има, но премижуваме бидејќи најчесто тоа нас не нè засега. Но, образованието е исклучок. Во училиштето постои однос професор-ученик базиран на почит и тоа е во ред. Но, понекогаш тој однос влијае негативно врз ученикот, најчесто кај подобрите ученици. Типичен пример се „петкашите”. На почетокот на тримесечието смело ја користат својата шанса да се покажат кога никој друг тоа не го очекува и професорот го наградува со добра оценка најчесто проследена со некоја реченица во стилот: „ За тебе ова тримесечие е завршено!”, секако со намера да ги мотивира останатите ученици да го следат примерот на нивниот соученик, па и тие да бидат исто наградени. Соучениците остануваат со мислата: “ Ех, да бев сега на негово место… “, а професорот со стекната доверба дека во иднина ученикот ќе биде секогаш спремен да одговори на зададените обврски. Но, дали е навистина така? Во најголем број случаи не! Овие учениците најчесто ја злоупотребуваат довербата на професорот и стагнират до крајот на тримесечието. Е, тоа е стара слава. Понекогаш професорите ни велат: „Оценката е најмалку важна, важно е знаењето и навиките кои ќе ги стекнете на овие клупи!“.

Можеби тоа нам ни звучи како клише, но ако малку размислиме навистина е така. Утре сами ќе се соочуваме и ќе ги решаваме сопствените проблеми, кои од нас ќе бараат знаење, решителност, агилност и континуираност. Се ова се противи со старата слава. И потполно се сложувам со професорот дека најпрво ученикот треба да биде свесен дека токму тој треба да работи континуирано и посветено за да ги постигне своите зацртани цели, не само во училиштето, туку и понатаму во животот. Не за џабе старите рекле: „На стара слава не се живее!”.