Текст на Ивана Арапова – ученик во трета година Борбата на мојата генерација
Животот е како роман – некои страници опишуваат победа, љубов, среќа… додека други се исполнети со чкртаници кои и покрај нашата волја ги искажуваат нашите порази и падови. Какви ќе бидат страниците на нашите романи зависи од самите нас, од нашиот труд кој ќе го вложиме за да бидат извезени со златни букви. Од самите нас зависи какви ќе бидеме во животната битка, во битката на нашата генерација. Иако одговорот е едноставен, многумина од нас сепак го поставуваат прашањето – како? Како да се победи во битката и да се понесе трофејот на генерација за која ќе се зборува со насмевка на лицето и со возвишувње?
Денес живееме во модерно и современо општество во кое на секој чекор се среќаваат различни индивидуи. Но сепак и покрај нивната хетерогеност тие образуваат едно богатство во општеството, една генерација која води битка во остварување на своите цели. На патот кон целта сите ние се соочуваме со разни препреки кои не оддалечуваат од нашите желби и амбиции… можеби и од нашите соништа. Таквата црна страна на општеството може да го засени нашиот пат кон победата. Но ние не треба да го дозволиме тоа. Чувствувам, сè почесто сме завлечени кон нелогичностите на новото време и му се препуштаме целосно без да размислиме за последиците. Што им било лошо на генерациите 30-тина години пред нас? Треба да се бориме во битката, да, треба да напредуваме, но најмногу од сè да другаруваме, да зрачиме со среќа и љубов, да помагаме и подаруваме, да ја гледаме светлата страна на животот, доколку сакаме да стигнеме до врвот на наш начин.
Затоа да го понесеме трофејот на генерација којашто ќе се памети по добри нешта, генерација која вложува во иднината и која ќе остави неизбришливи траги и белези во ова модерно општество.
Секоја генерација вклучувајќи ја и мојата има наследено огромни богатства, традиции и обичаи, има наследено културно наследство од предходните генерации. Постарите успеале да се изборат во својата битка и да ги пренесат овие вредности на нас. Затоа ние треба да одиме по нивните стапки, да ги зачуваме истите но и да создадеме нови со што ќе успееме во генерациската битка.