Хемичарите се вратија од државниот натпревар со прво место и награди, ќе одат на државна олимпијада

Ученичката од трета година Алма Усеин под менторство на професорката Снежана Илиевска-Поповска се врати од Петтиот државен натпревар по хемија со освоено прво место и прва награда. Успешно се покажаа и учениците Васил Бунгурџиев и Клементина Бусева кои ги освоија третите награди во своите категории.

На Петтиот државен натпревар по хемија за ученици од средните училишта кој се одржа на 5 мај во Институтот за хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје учество зедоа и неколку наши ученици под менторство на професорките Снежана Илиевска-Поповска и Зуле Цонева.

Во својата категорија најмногу се истакна ученичката Алма Усеин која со 100-процентен успех под менторство на професорката Снежана Илиевска-Поповска освои прво место, прва награда како и се здоби со стипендија од Природно-математичкиот факултет.

Успешно се покажаа и ученикот Васил Бунгурџиев кој под менторство на професорката Зуле Цонева ја освои третата награда во првата категорија и ученичката Клементина Бусева која под менторство на професорката Снежана Илиевска-Поповска ја освои третата награда во третата категорија.

Сите тројца ученици обезбедија учество на Македонската хемиска олимпијада за следната година.