Музичарите од СОУ„Јане Сандански“ на крајот од месецот ќе го имаат својот прв комерцијален концерт за учебната 2017/2018 пред струмичката публика.
На секои две години овие средношколци одржуваат настан во формат на Талент шоу од ревијален карактер.
На 31 октомври во големата сала на Дом на АРМ со почеток од 20:00 часот ќе бидат промовирани новите дебитанти под менторство на професор Анита Станковска кои ќе ги имаат своите први музички настапи. На сцената во салата ќе се појават вкупно 25 ученици, а свои групни изведби ќе имаат и поискусните солистите кои учествувале во претходни музички настани на училиштето.
„Настанот го подготвуваме уште со првата аудиција за хористи на почетокот од учебната година. Овој формат на шоу освен што е од комерцијален карактер за целата струмичка јавност, за многу наши нови ученици значи и прв јавен настап. Ваквите настапи во текот на нивното школување помагаат за градење на нивната личност, а за многумина значат и почеток на идни музички кариери“, вели креаторот на проектот – професор Анита Станковска.
Учениците ќе изведуваат актуелни македонски и странски хитови и ќе го покажат својот талент пред своите соученици, професори и љубители на добрата музика. Настанот е од отворен карактер, без влезници.