Учеството на Модел европски парламент – Македонија, прераснува во традиција. Како расте организацијата на конференцијата во меѓународното училиште „НОВА“ – Скопје така растат и искуствата и знаењата на нашите ученици.
МЕП клубот во нашето училиште функционира од учебната 2012/2013 година под менторство на професорката Виолета Николова.
Утре, по трет пат, нашата делегација ќе учествува на МЕП натпреварот којшто ќе се одржи викендов, од 18-20 ноември.
Целта на оваа конференција е да ги научи младите ширум Европа на преговарачки вештини и истовремено да ги запознае со законодавните процеси во Европскиот парламент и со принципите врз кои се темели ЕУ.
Принципот на работа е ист како и претходните две конференции. Преку јавно говорништво кое се одвива на англиски јазик се одредуваат 5 најдобри ученици кои ќе ја сочинуваат делегацијата на Македонија на интернационалната конференција. Нашето училиште има тројца свои претставници кои се поделени во три комитети. Ученичката Вања Китанова којашто учествува по втор пат е во комитетот за надворешни работи. Невена Стојанова е како делегат на комитетот за трговија со луѓе, а Димитар Дончев како делегат за економија. Сите претставници се ученици од трета година.
Ученикот Миле Грнчаров којшто по првата МЕП конференција ја претставуваше Македонија на меѓународната сесија во Шпанија (ноември 2012) ќе биде ко-претседател на комитетот за економија. Тој ќе биде во улога на ментор на делегатите од тој комитет кои подоцна ќе ги оценува.
Оваа година, петте најдобро рангирани делегати ќе учествуваат на конференцијата во Литванија од 30 ноември до 7 декември.
Како новитет оваа година, истите тие ученици ќе имат шанса да поминат еден ден со г-дин Бесими, актуелен Министер за евроинтеграции на Република Македонија, како награда за успехот.
Им посакуваме многу успех на нашите претставници, а ние ќе известуваме за нивните дневни активности на нашата официјална фејсбук страница. Следете нè!