СОУ Јане Сандански остварува уште едно партнерство преку VocWebLeap – КА2 Еразмус проект, под мониторинг на Универзитетот Дузче од Турција. Главна цел на овој проект е изготвување наставни материјали на платформата Moodle за предметот Веб дизајн и развој, за ученици по предметот информатика во гимназиите и стручните училишта.
Во оваа фаза на проектот наставниците и одговорните лица работат на утврдување на содржините на курсевите и усогласување на програмите во партнерските држави. На последниот онлајн состанок, кој се одржа на 08.10 беше промовирана платформата, со инструкции и содржини за првиот од трите курсеви. Поради пандемијата, сите состаноци се одржуваат онлајн, а мобилностите се одложени за наредната година.
Во овој проект ќе бидат развиени три е-курсеви по предметот Веб дизајн и развој, наменети за ученици по информатика, и тоа на следниот начин:
1„Веб дизајн и развој за почетници“, соодветна за ученици од втора година
2.„Напреден веб дизајн и развој“, соодветна за ученици од трета година
3. “Напредни идеи за веб дизајн и развој“, соодветна за ученици од четврта година
Овој е-курс може да се користи и од страна на дипломирани студенти по информатика, вработени во ИТ секторот, како и за пракса по информатика во средните стручни училишта.
Очекувањата се дека овој е-курс ќе има предности при стажирање и пракса. Исто така, тој ќе биде дизајниран за активни стручњаци од областа на пазарот на труд за ИТ. Тие ќе можат да го тестираат и евалуираат курсот.
Платфромата за е-учење ќе се користи како алтернативна алатка во случај на отсуства од курсот или за луѓе кои не се во можност да посетуваат формални курсеви поради немање пристап или немање време. Тие што ќе ја користат оваа платформа ќе имаат еднакви можности за образование, специјализирани вештини, можност за вработување и успех во професијата. Понатаму, преку ова европско партнерство и размената на добри искуства поврзани со различни системи на стручно образование на сите вклучени држави, ќе се воспостави покохезивен европски профил за стручно образование, особено во рамките на ИТ секторот.
Со вклучувањето на Стопанската комора во партнерството, овој проект ќе овозможи врска помеѓу потребите на бизнис заедницата и стекнатите вештини на практикантите, така што нивната транзиција на пазарот на труд ќе биде издржана и поволна за европската економија.
Конзорциумот на овој проект се состои од факултети, средни училишта, стопанска комора и бизнис фирма од Турција, Грција, Романија, Шпанија, Северна Македонија. Времетраењето на проектот е три години, од 1.10.2019-31.08.2022
Текстот го подготви координаторот на проектот,
М-р Софија Тошева