Во јануари јубилеен божиќен концерт – Деценија

На 5 јануари, недела, во НУЦК „Антон Панов“ ќе се одржи празничниот концерт на СОУ „Јане Сандански“ – Струмица во нов, спектакуларен формат. Со годинашното издание традиционалниот новогодишно-божиќен концерт достигнува голем јубилеј – 10 години постоење.

Влезниците за двата термини, од 18:00 и од 20:00 часот по цена од 150 денари ќе бидат пуштени во продажба од 20 декември.

„Нашиот нов музички проект „Деценија“ ќе ги врати во кабинетот по музика и на сцена голем дел од поранешните ученици кои настапувале на изминатите девет концерти. Ова ќе биде уникатен и масовен настан со спој на сегашните и поранешните ученици“, вели професорката Анита Станковска, координатор на проектот.

За потсетување, досега беа одржани концертите: Да ја разбудиме хуманоста (2011), Божиќ за секој од нас (2012), Мјузикл за Тоше Проески (2013), Кога музиката е водич (2014), Мрак или светлина (2015), Hit the Road Jack (2016), King of Pop – Michael Jackson (2017), Божиќна евровизија (2018) и One Way Ticket (2019).

Во изминатите девет години на концертите настапија 580 ученици, а во публиката ги следеа над 8.500 посетители. Околу 470.000 денари од собраните средства од продадени влезници се донирани на наши сограѓани, а 90.000 од средствата се искористени за купување нова музичка опрема за кабинетот по музика во училиштето.