Учениците дебатираа за климатските промени со претставници на ИКС и заменик амбасадорот на Обединетото Кралство

Учениците минатиот петок присуствуваа на дебата организирана од Институтот за комуникациски студии за климатските промени и разговараа со заменик амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Доминик Отвеј.

Дебатата која се одржа во салата за состаноци на училиштето беше организирана како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај“ која ја спроведува ИКС.

На настанот присуствуваше и заменикот амбасадор на Велика Британија, Доминик Отвеј, кој зборуваше пред средношколците за мерките кои ги презема неговата земја за намалување на последиците од климатските промени. Тој беше во Струмица како дел од дводневната посета на амбасадата во градот. Претходниот ден училиштето го посети и амбасадорката Галовеј.

Директорката на нашето училиште, Невенка Стојанова, изјави дека учениците имаат доволно познавања и свест за ова прашање и за другите еколошки проблеми. Таа спомна и за активностите кои училиштето ги презема со учество на учениците за градење на свеста за овие теми.

Како дел од кампањата на ИКС, претставниците на платформата му предадоа на училиштето научни постери за негативните проценки за биодиверзитетот во Македонија, кои треба да послужат како учебни помагала за наставниците и средношколците, пред сè за предметот Биологија, но и за училишните еко-активности. Постерите се достапни и на интернет.

ФОТОГАЛЕРИЈА

Оваа статија е создадена како дел од активностите на Ученичката секција за социјални медиуми. Автор на текстот: Кирил Ѓоргиев; на фотографиите: Василаки Ѓорѓиоски.