40 ученици беа дел од најголемото меѓународно тестирање

Како и во 60 други земји, така и кај нас се спроведува ПИСА истражување во образованието кое опфаќа 40 случајно одбрани ученици од училиштата. pisaДенес во 10:00 часот исто како и во 38 македонски училишта беше спроведено пробното тестирање за Програмата за меѓународно оценување на учениците ПИСА 2015, која претставува една од најчесто користените алатки во светски рамки за мерење и оценување на практично применливото знаење што го стекнуваат учениците во образовниот систем во матичната земја. Ова истражување се прави на 5 години, а во 2015 година, кога ПИСА тестирањето ќе се спроведе официјално, со него ќе бидат опфатени ученици кои навршиле 15 години од сите јавни и приватни средни училишта, а ќе се полага и на турски јазик.

Во истражувањето беа вклучени ученици на 15 годишна возраст и се оценува нивната подготвеност за животот (како возрасни), се мери научната писменост, математичката писменост  и писменоста за читање на учениците, како и решавање на проблеми, но и се собираат соодветни информации за образовната практика на земјите учеснички.Македонија втор пат учествува во ПИСА тестирањето. Учениците одговараат на прашања содржани во стандардизирани прашалници и тестови, а резултатите од тестирањето немаат никакво влијание врз нивниот успех.
Во Македонија ова тестирање го реализира Државниот испитен центар во соработка со Министерството за образование и наука.