Високата школа за новинарство и за односи со јавност, со поддршка од Министерството за образование, вчера го претстави проектот за најдобар средношколски медиумски производ, кој се одржува петта година по ред.КОНКУРС НА ВИСОКАТА ШКОЛА ЗА НОВИНАРСТВО И ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ
Конкурсот „Изрази се преку медиумите“, на тема „Можеш да придонесеш! Активирај се и помогни во заедницата“, трае до 21 април годинава, а средношколците може да се пријават со едноминутно видео, фотоприказна или есеј. Оваа година, стипендиите за студирање ги овозможија АЛФА ТВ, Радио Канал 77, Медиа Принт Македонија, Club FM Радио, „McCann Erickson“, „APRA Porter Novelli“ и „Нова Македонија“.
Жанета Трајковска, директорка на Високата школа, рече дека темата „Можеш да придонесеш! Активирај се и помогни во заедницата“ е одбрана бидејќи е во корелација со стратегијата за млади на Европската Унија, каде што се поттикнуваат проекти и активности во сферата на волонтерството и активизмот, социјалната инклузија, едукацијата и образованието.
„Една од најглавните цели на проектот беше да се одржи и да се продлабочи конекцијата што ја имавме со индустријата, со цел најдобрите од медиумите да дојдат кај нас, и обратно, најдобрите студенти од кај нас да одат во медиумите. Се надеваме дека успеваме веќе петта година по ред да ги имаме најдобрите стипендисти“, изјави Трајковска.
Освен десетте стипендии, пет за новинарство и пет за односи со јавност, средношколците можат да освојат и лаптоп, камера или фотоапарат.
Дополнителни информации на: www.vs.edu.mk