Токму во Струмица и токму во нашето училиште Американката Бриџит Гилиленд ја ужива привилегијата да се запознае со нашите ученици и да им предава англиски јазик во текот на учебната 2012/2013 година.
Како што знаат повеќето од учениците, таа е чест посетител на реализацијата на часовите по англиски јазик, инаку кандидат од проектот „Асистенција на наставниците по англиски јазик“ во склоп на програмата Fullbright.
Целта на нејзиниот престој е со своето познавање на англискиот јазик како мајчин, да даде поголема помош кон постручно реализирање на часовите по англиски јазик од сите четири години од гимназиското и средното стручно образование.
Во склоп на нејзините активности, од утре па до крајот на неделата таа на учениците ќе презентира филм за сè попопуларниот празник Ноќ на вештерките (Halloween).
Учениците веќе стекнаа навика да ја гледаат и да работат со неа. Причина за тоа, велат, е нејзината позитивност, постојаната насмевка и секогаш интересните теми кои ги обработува, со цел да им го приближи тоа кое учениците во нејзината земја го познаваат.
Нејзиниот целогодишен престој во нашето училиште ќе го искористи за одржување предавања, како за учениците, така и за професорите, обуки за наставниците и многу други активности кои ќе бидат од непроценлив интерес за нашето училиште. Уште еден бенефит е нејзиниот придонес во запознавањето на нашите ученици со американската цивилизација, историја и култура.
Се надеваме дека овој престој на Бриџит Гилиленд ќе допринесе за развивање на културната размена и соработка помеѓу Македонија и САД