Еко-училиште: Одбележан светскиот ден на храната

Учениците вклучени во проектот еко- училиште во соработка со Младинската канцеларија учествуваа во промовирањето на здравата исхрана и физичките активности , преку најразлични поучни пораки.

16 октомври во многу земји ширум светот се одбележува како СВЕТСКИ ДЕН НА ЗДРАВА ХРАНА . По тој повод , традиционално како и секоја година и оваа во нашето училиште се одржа едукативна акција.

Беше спроведена и анкета во која учениците ги искажаа своите актуелни согледувања . Уникатно, како што доликува на една од најугледните македонски гимназии, здружени, учениците и наставниците успеаја на овој ден да стават акцент на она што е квалитетна и здрава храна.

Акцијата, предводена од мотото „Храни се здраво – за подобро утре” , имаше за цел да ги информира учениците и наставниците за здравата храна, како и да формира правилни ставови на поединците, посебно кај младите во однос на користењето нутриционистички вредна храна. Сведоци сме дека во последно време, луѓето, а посебно децата и младите не посветуваат доволно внимание на храната која ја внесуваат, туку консумираат брзо и нездраво подготвени јадења кои му причинуваат голема штета на организмот и имунолошкиот систем. Недостатокот од витамини, минерали и физичка активност резултира со најразлични болести меѓу кои и дебелината како болест на денешницата. Но, никогаш не е доцна за промена!

Залагањето за здрав и квалитетен живот ќе биде најголемата придобивка од ова наша заедничка акција!