Секогаш го браниме и со носталгија зборуваме за она кое сме го проживеале. Ама дали новите времиња кои доаѓаат се подобри и нема зошто да се жали или пак новитетите ги надминуваат границите на „убаво“ проценете сами од ставовите на професорката Невенка Стојанова и ученикот Миле Грнчаров.
Сите носевме исти фармерки. Излегувањето за време на викендите беше до 22.30. Немавме компјутери и мобилни телефони. Работните облеки во училиштето ни беа налик на долги црни мантии.Професорите за нас беа олицетворение на авторитет достоен за стравопочит. Ја немавме19-ката.
Не седевме на чет по цели ноќи, но дружењето ни беше искрено и квалитетно. Учењето ни одземаше голем дел од секојдневието, но многу ретко се жалевме поради тоа. Родителите ретко застануваа на наша страна, но тоа нè направи квалитетни личности.
Заради овие и милион други причини, многупати на моите ученици им зборуван за моите средношколски денови со носталгија и пиетет.
Миле Грнчаров – ученик во трета година
За наша среќа, светот во кој живееме денес е многу поразличен од светот за време на вашето тинејџерство. Кога зборуваме за комуникациска технологија не треба да заборавиме дека на денешен ден може многу лесно да комуницираме и да се гледаме лице в лице со некој многу далеку, што мислам дека ни отвора нов спектар на комуникација.
Спротивно од вашето мислење, сите развитоци во технолошките области ги сметам за позитивни чекори кога правилно се искористени. Тоа ме доведува до друго, дали навистина вие ја имавте креативната слобода што ја имаме ние? Ние живееме во понов и послободен свет каде што можеме да ги искажиме своите мисли во различни форми на уметност, без страв од мислење на професор, родител или други, што е доказ и овој наш текст овде. Ние сме слободни. Во нашиот свет на, за некому тоа „губење часови“ по козметичките и фризерските салони во подготовка за сабота навечер им е начин на експресија, но најмногу го правиме тоа бидејќи имаме избор за разлика од вашиот кој бил ограничен.
Кога зборуваме за училиштето, да, навистина имаме многу за учење, и единствено тоа е непроменето, но кога знаеме дека нашиот глас може да промени нешто зошто да го чуваме во себе? Ако нечија визија ќе биде исполнета тоа е визијата на младината. Искрено, сметам дека искажувањето на своите ставови е важно за нашиот понатамошен развој, за да сфатиме дека ние МОЖЕМЕ! Родителите застануваат покрај нас, но и вие сте родител, па дали не би застанале зад своето дете? Јас се радувам што живеам во оваа општество и со овие права. Јас се радувам што имам право на експресија. Затоа и јас некој ден ќе зборувам за моите средношколски денови со носталгија и пиетет.