Новата рубрика „Гласот на учениците“ е создадена поради големата желбата на учениците да добијат шанса да го искажат своето мислење на официјалниот веб-сајт.
Првиот текст го напиша ученикот од четврта година – Петар Делев чијашто желба е да ги мотивира неговите соученици слободно да ги искажат своите чувства, мислења и искуства од своите средношколски години. Понекогаш се прашувам што е со мене?
Навистина, секогаш летам некаде во облаците, а сум бил долу верувајте и тоа многу подолу отколку што можете и да замислите. Сепак кога ќе се издигнам повторно се чувстувам незапирлив. Знаејќи дека сè е релативно живеам во моментот, но не од денес за утре туку гледам далеку, но сепак сум овде.
Порано околу мене постоеја трвдини кои ни најсилните емоции не можеа да ги пробијат. Се плашев да се отворам пред луѓето околу мене, се плашев дури и да ги покажам своите квалитети за да не бидат засенети од нечии други. Сè за себе си знаев само јас. Потоа научив дека постојат маски – маски кои луѓето ги употребуваат наизменично во зависност од луѓето наспроти. Си одбрав две, едната која сите ја познаваат, таа секогаш носи насмевка и зрачи со позитива, а другата пак ја знаат они кои допреле подлабоко, кои се потрудиле и погледнале под подвршината. Овде не зборувам само за мене, туку сите ние, имаме маски кои по потреба ги користиме и кога на крајот од денот ќе се сретнеме очи во очи со совеста тогаш всушност сме вистинските ние.
Мене животот ми претставува патување… патување чија мапа ја пишувам ден по ден. Постојат луѓе кои што откриле голем дел од таа мапа, но колку повеќе ја разоткриваат таа станува толку поголема!