Со новата категорија на нашиот сајт ќе се обидеме да ги насочиме вашите очи кон невидливите лекции. Верувајте, тие се само навидум невидливи затоа што не се учат преку содржините од математика, хемија или друг предмет. На нив нè учи искуството. Со овој текст ќе сфатите колку е лесно да откриете на каков факултет најмногу ќе уживате.
Ваша е одлуката дали ќе го третирате периодот на средно образование како нешто на кое сте приморани според закони и тој период мора да се помине или го третирате како искуство кое ќе ви покаже кои се вашите амбиции во животот. Поставете си го ова прашање и ако сте дел од втората група тогаш вашите очи ја откриле оваа прва „невидлива“ лекција од средно.
Колку пати сте ја слушнале реченицата: „Кога работиш нешто од љубов – не го чувствуваш како работа“? Народски кажано: тука лежи зајакот!
Еве ви неколку совети како да откриете кои се вашите афинитети.
ЗАПИШЕТЕ – одличен начин за почеток
Одговорете ги овие прашања на лист хартија:
- Што би направил ако знам дека никој не би ме осудил за постапката?
- Што би правел кога би имал 1 милион евра?
- Што можам да направам без грешка или барем подобро од другите?
- Кои се моите најголеми остварувања во текот на досегашниот живот? (15-18 години)
- Како ќе изгледа мојот идеален живот?
- Дали сакам да држам говор или да го пишувам?
- Дали попрво би бил актер или директор?
- Што ќе изберам помеѓу слушање и свирење музика?
- Со што се занимаваат успешните луѓе во твоето опкружување?
- Што сакам најмногу на цел свет? (листа: спорт, музика, филм, наука…)
- Која училишна секција навистина ме интересира?
- Сакам да работам со природни или општествени појави?
- Дали планирам и анализирам пред да се вклучам во некој проект или само се пријавувам и чекам?
- Дали би открил нешто ново или да би надоградил нешто веќе постоечко?
- Дали повеќе можам да се снајдам во улогата на лидер или улогата член на тимот?
- Дали сакам да работам самостојно или поефективен сум во група?
- Дали ја користам својата креативност или само ја реализирам туѓата?
Одговорите кои ќе ги добиете ќе се „врткат“ околу една иста област – тоа што се крие во вас! Не треба да сте психолог за да може да направите сопствена анализа на вашите интереси. Секој којшто ќе го направи овој тест сопственот живот ќе го награди со оценка 5!
Во прилог уживајте во видето: Што е тоа што нѐ прави богати? Обидете се да ги тргнете парите на страна и добро размислете што би ве правело среќни и исполнети… На кој начин навистина би уживале во вашиот живот? Кој би бил изборот на вашата професија, стил, па можеби и на љубовниот партнер?