На разговор со Марика Ѓорѓиева

Како што ние ги броиме последните денови од оваа учебна година така и проф. Марика Ѓорѓиева  ги брои последните денови од нејзиниот работен век како професор во нашата гимназија. Преку ова интервју таа ни ги открива сите искуства, задоволства, но и стресови кои еден професор ги доживува за време на својата работа.

  • ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО

Многу често учениците ги интересира какви биле нивните професори кога биле во училишните клупи. Какви бевте Вие како ученик?
М.Ѓ. Спомените од времето кога јас бев ученик во оваа гимназија ми се многу драги и пријатни. Веројатно тоа е така поради тоа што бев мирна и трудољубива ученичка, па не многу често се соочував со било какви проблеми кои би можеле да остават негативна трага во тие спомени. Би сакала да напоменам дека тоа е заслуга и на професорите, но и на условите кои општеството ги наметнуваше. Инаку, мора да потенцирам дека и во мое време постоеја „младешките зафрканции“ и ние бегавме, препишувавме, но бевме далеку понаивни за разлика од денешните деца.

Познато е дека уште од првиот ден како професор во гимназијата, до последниот, Вие сте професор по сметководство. Кажете ни дали тоа е со некаква причина и како всушност се родила Вашата љубов кон сметководството?
М.Ѓ. Кога јас бев средношколка во економската струка, предметот сметководство се изучуваше сите четири години. Но, првите симпатии и почетокот на љубовта кон овој предмет јас ги добив по заслуга на моите први професори по сметководство. Уште од почетокот го засакав и добро го совладував и учев. Можеби и тоа беше клучната причина која ме натера образованието да го продолжам на Економскиот факултет, кадешто сметководството за мене стана една од моите омилени општествени науки. Бидејќи уште како ученик добро ми одеше сметководството јас честопати „бев учителка“ на моите соученици, им помагав, но никогаш не ни помислив дека еден ден ќе завршам во просвета и тоа како професор по сметководство. Мене сметководството веќе ми е влезено во крвта, секојдневно заспивам и се будам со разни бројки и сметки во главата.

За време на Вашиот работен век сте се соочиле со разни типови ученици. По кој критериум ги класифицирате учениците?
М.Ѓ. Како што веќе кажав од почетокот јас сум професор по сметководство, предмет кој е доста интересен, но не и секому драг. Затоа уште од самиот почеток па до денес учениците ги групирам на ученици кои имаат капацитет да научат и тоа и го прават; на ученици кои се трудат да научат, иако не им оди баш лесно; и на ученици кои сакаат да се провлечат како би добиле позитивна или „преодна“ оценка. Е сега, генерациски гледано наназад, можам да кажам дека поновите генерации на ученици што доаѓат се сè посодржани од групите на ученици кои сакат да се провлечкат за една двојка. Според мене тоа е заслуга на општествените промени кои ги менуваат режимите во семејствата на луѓето. Имено, денес родителите се во трка по пари и престиж, па токму затоа и немаат доволно време да посветат на нивните деца. Со тоа, всушност, воспитувањето на децата е препуштено на училиштето и улицата.

Вие честопати споменувате дека голем дел од Вашите колеги своевремено биле и Ваши ученици, па какво е чувството да ги гледате „вчерашните“ ученици, како Ваши „денешни“ колеги?
М.Ѓ. Еднаш, со една колешка која е близу мојата возраст, направивме една груба пресметка во која околу 25-26 колеги биле наши ученици. Тоа за мене претставува едно огромно задоволство и гордост, кога гледам дека „децата“ кои до вчера беа во училишните клупи, успеале во животот и денес се изградени личности кои создале свои семејства и кои заработуваат на чесен начин.

Како што во повеќе наврати спомнавме, целиот живот сте професор во нашата гимназија, па кажете ни како вие ја доживувате оваа професија?
М.Ѓ. Јас пред сè многу ја сакам својата работа, бидејќи од неа црпам многу задоволства. Никогаш мојата професија не створила некоја монотонија во мене, а тоа е благодарение на моите секојдневни средби со учениците кои патем се млади, здрави деца полни со енергија и оптимизам. Покрај нив и јас попримам од тие позитивни вибрации и се чувствувам пријатно, а на моменти и помладо. Се разбира тоа не значи дека и оваа работа не носи стресови, но тие се помалубројни од задовоствата која мојата професија ги пружи. Освен учениците, за ова мислам дека и самата јас сум заслужна, бидејќи сите проблеми кои однадвор ги носам со себе, пред да влезам на час ги оставам пред вратата на училницата, за внатре да можам да се наполнам со позитива и да заборавам на нив.

Познато е дека Вашиот начин на предавање е поинтересен, бидејќи практикувате да применувате некои секојдневни примери. Што мислите како тоа го прифаќаат учениците?
М.Ѓ. Сметководството е општествена наука тесно поврзана со секојдневието на луѓето. Токму затоа мене ми е многу полесно преку секојдневни примери на учениците да им ја доловам вистинската слика која се случува за време на некој сметководствен настан. Искрено мислам дека ако мене тоа ми ја олеснува работата, тогаш и на учениците им помага полесно да научат и да сфатат. Уште од почетокот ги применувам тие практични примери и досега никој не се пожалил на тоа. Доста е познато дека на моите часови често знаеме и да се нашалиме, а тоа е затоа што сакам и моите ученици да се поопуштени, порелаксирани (во границите на нормалата, се разбира) со што би имале поголема волја да го слушнат тоа што сакам да им го кажам и нешто да научат.

Вашиот работен век во ова училиште е многу долг, па дали тоа значи дека сте подлегнале на какви било промени или сте иста од самиот почеток?
М.Ѓ. Прво да истакнам дека времето променува сè. Што би требало да значи тоа? Тоа значи дека и јас со текот на годините, а и паралелно со промените во општеството сум се менувала. На почетокот, кога сум била помлада сум сакала оценките кои ќе ги ставам да се реални и соодветни на знаењата на учениците. Овој принцип се стремев да го задржам и го сочував колку што можев, но промените во општеството и моите години донеа некој нов ред и други правила. Со тоа сакам да кажам дека сум променлив, но прилагодлив професор, по условите кои општеството ги наметнува, но и по потребите на учениците.

Што сметате дека е најголемиот хендикеп за предметот кој го предавате?
М.Ѓ. Многу често знам да кажам дека најголемиот недостаток или хендикеп за предметот кој го предавам е тоа што никогаш не се организираат натпревари по сметководство. Јас сум сигурна дека, ако имаше такви, моите ученици ќе ги добија сите први награди, зашто сум имала ученици на кои сметководството им било многу јака страна.

Во ова училиште сте поминале повеќе од 35 години, како професор. Со какви спомени ќе заминете од тука?
М.Ѓ. Јас како човек не сум злопамтило, па со тоа одовде ќе заминам со убави спомени на кои ќе вреди да се сетам, а сè она што не е толку пријатно ќе го оставам во заборав, во минатото. Одовде излегувам со широка душа, доста среќна бидејќи сум била дел од овој колектив на гимназијата и искрено се надевам дека секој што ќе дојде и ќе си оди ќе се чувствува пријатно како мене. Се чувствувам горда на тоа што толку години сум ја имала честа да го држам дневникот в рака. Никогаш не сум живеела за тоа „добар ден“ на учениците, но отсекогаш ми било мил кога некој од учениците ќе ме праша како сум и каже дека се сеќава на деновите кога сме ги учеле лекциите, се сеќава на шегите , на примерите кои сум ги давала, а кои предмалку ги спомнавме како суштина на мојот начин на предавање и кога некој ќе каже дека од мене научил сметководство и од тоа денес го заработува својот леб.

  • ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО

Не можам да одолеам на… свежиот зеленчук и свежото овошје.
Им се восхитувам на… воспитаните луѓе кои знаат на добро, да одговорат со добро.
Не можам без… моето семејство и моите сегашни ученици.
Во слободно време… се занимавам со работи кои ме прават среќна, а тоа е грижата за моите внуки.
Мразам кога… знам дека некој ме лаже.
Ме расположува… добрата мисла, добрите луѓе и добрите дела.
Како мала… сум сакала да бидам навистина учителка.
Талент или напорна работа? Сметам дека за сè треба да се има талент, но без напорна работа успехот изостанува.
Никогаш не… лажам и не правам работи кои не ги сакам.
На државен или приватен факултет? Секој студент кој сака да стекне квалитети знаења, ќе ги здобие без оглед дали ќе избере државен или приватен факултет. Сè зависи од него!