Гласот на Викторија Јанушева

Текст на Викторија Јанушева – ученик во прва година.                                                                            Животот е триумф на постоење

Животот е тежок. Темпото на денешницата не доведува до ситуација да ги заборавиме нештата обвиткани со убавина кои како понуда стојат во менито на животот. Затоа луѓето често пати се депресивни и незадоволни… Некои се обидуваат да избегат. Некои да се сокријат. Некои чекорат без емоции што е исто толку лошо како и бегањето. Некои го бараат спасот во шишето алкохол. Некои не ја согледуваат топлината околу нив. Некои едноставно се откажуваат.

Познавам луѓе кои се откажале, сум го видела начинот на којшто живеат ако тоа се нарекува живеење. Зошто? Би рекла поради времето. Сите сме робови на времето, тоа минува, разјадува сè пред нашиве очи, а ние стануваме бледа слика на сè што ќе видиме и сите сме под влијание на таа енергија. Хипнотизирани сме, без вистинска љубов. Чувствуваме дека нешто не е во ред, немаме храброст да ги отвориме очите и да кажеме дека е доста, едноставно да се разбудиме од овој долг сон и да направиме нешто корисно. Од мое гледиште не постои тркало на животот, туку само карма која некогаш им удира етикета на сите според своите заслуги.

Но, како и да е, никој не се грижи за останатите. Сите сме сами на светов. Поголемиот го јаде помалиот.

Животот е триумф на постоење затоа треба да го гледаме како извор на убавина, да ги пронаоѓаме убавините во малите нешта. Да бидеме гордо исправени пред пречките, со широка насмевка на лицето и полни со надеж и љубов. Длабока е мислата – нема ограничување. Бидејќи ти си избраниот. Ти си режисер на сопствениот живот! Живееш,значи постоиш.