Ученичката Вања напиша многу повеќе од десет збора на француски јазик и тие ѝ донесоа трета награда на конкурсот за писмен состав. Во рамки на месецот на Франкофонијата Здружението на професорите по француски јазик на Република Македонија заедно со Францускиот институт при Француската амбасада во Скопје секоја година распишуваат конкурс за есеј наменет за средношколците кои го изучуваат јазикот.
Racontez les événements d’un week-end mémorable или Случките за време на еден незаборавен викенд беше темата која учениците ја имаа пред себе како задача. Звучи мошне едноставно, но пишувањето на француски јазик не е рутина и секојдневие кај голем дел од учениците, па токму тоа дава тежина на конкурсот и на наградата на ученичката Вања Китанова од трета година.
Заедно со својот ментор Нада Божијанова таа го подготвуваше есејот за традиционалниот конкурс кој има мото Кажи ми десет збора што ѝ се повикуваат на твојата имагинација.
Специфично за овој конкурс е што освен строго определената тема, организаторите избираат десет француски збора од кои три треба задолжително да бидат вметнати во есејот. Како главни критериуми при оценувањето на писмениот состав биле земени предвид јазичната точност во писменото изразување, за граматиката и за инвентивноста/оригиналноста на составот.
Доделувањето на пофалниците и наградите се предвидува да се одржи во март/април во Скопје, во рамки на месецот на Франкофонијата.