Игор Петков – младиот капитен кој везе на теренот

Структурата на ученици во нашето училиште е мошне богата и како бисери се редат многу математичари, музичари, глумци,  програмери, оратори, правници… Тука доаѓаат неодредени, мирни и повлечени ученици, а си заминуваат со амбиции да станат гордост на своите најблиски, бренд на училиштето, а уште повеќе на градот Струмица. igorКако што „Гранде Пандев“ го живее својот сон низ спортските европски гиганти и ја промовира Македонија, така и многу ученици од нашите клупи имаат цврста визија за себе. Некогаш не може ни да се претпостави какви таленти кријат срамежливите средношколски лица.

Сечие прво тренирање се игрите во маалото со другарите каде што почнуваат првите контакти со топката и за спортските антиталенти, но и за оние кои низ годините работат напорно за нивниот талент да ги допре височините.
Нашиот денешен спортски херој со кој ве запознаваме е младиот Игор Петков – ученик од втора година кој со своите 16 години веќе има своја професија – фудбалер. Да се биде капитен на најдобрата млада спортска екипа во Струмица – Академија Пандев, да се биде член на фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години и да се биде дел од тренинзите на големата Фиорентина во Италија е само еден остварен, да, остварен сон на амбициозниот Игор.

Овие негови достигнувања беа доволна причина да поразговараме ексклузивно за сајтот на неговото училиште. Од него дознаваме дека започнал со тренирање уште пред 10-тина години и денес игра како играч за врска во средниот ред на конкурентната екипа на Академија Пандев.

игор2

„На многумина фудбалот им изгледа како многу проста игра. Се собрале 22 играчи кои трчаат хипнотизирани од една топка од една до друга страна на теренот. Е, ние играчите не велиме така! Фудбалот има своја убавина која треба да се доживее и како колективен спорт бара од секој поединечен играч да дејствува како едно – како споените сказалки точно на полноќ.

Особено интересно е што нашиот Игор минатата година заедно со повозрасни колеги од Академијата замина во кампот на Фиорентина во Италија. Неодамна, како капитен на младата екипа на Академијата на големиот Пандев, гордо ја прими наградата за најдобра екипа во Струмица. Згора на тоа, со своите соиграчи е двоен вицешампион на пионерскиот домашен куп. Успех до успех, а од неговата скромност тешко е од прва да се откријат сите овие достигнувања.
„Секој фудбалер треба да ги извршува задачите посветено и професионално и заедно да се помине низ радосните и тажните моменти“, раскажува Игор за неговите сфаќања кон овој спорт стекнати на почетокот од неговата кариера.

Поддршката од фамилијата и пријателите за него е најважна, но се разбира дека му е потребно и разбирање од професорите: „Досега секогаш бев одличен ученик, но признавам дека поради бројните отсуства малку „олабавив“ со учењето. Обично спортистите гледаат само кон една точка и имаат една цел – да ја погодат мрежата. Во училиштето јас не сум таков туку ги сакам сите предмети, а заради отсуствата, тотално ненамерно, општествените се оние за кои сум поуспешен, а природните бараат поголем ангажман, да се задлабочиш во материјалот и да го надополниш пропуштеното“, споделува мошне искрено.

Можеби фудбалот е тоа кое најдобро му оди, но во слободно време обожава да слуша добра музика.

Назад на професионален план, според него формулата за успех на една екипа се состои првенствено од многу работа индивидуално со играчите, а потоа нивно заедничко синхронизирање. Меѓу играчите пак, треба да има и хемија која симболизира почит и солидарност. За успехот во четиригодишното постоење на Академија Пандев освен нејзиниот сопственик голема заслуга има и стручниот штаб координиран од тренерот Југослав Тренчовски.

„Покрај сè, како што спомнав, некогаш сите нè удира бранот на неуспехот. Кај нас спортистите поразите се најтажните моменти. Две години по ред завршуваме со сребрен медал поради пораз на пенали во купот на Македонија во пионерска конкуренција. Тие се моментите кои треба да се пребродат и да се вратите посилни. Оваа година сме до полуфинале и се надеваме дека конечно ќе го освоиме врвот“, вели Игор кој досега ја почуствувал горчината на поразите.

Од нашиот разговор со него заклучивме дека го краси скромноста и благодарноста кон сите оние кои досега му помогнале да го работи тоа што најмногу го сака.iiigor
„Да не беше Пандев, ние не би зборувале вечерва тука. Да не беше Пандев ниту стотици деца низ подружниците во Македонија ќе немаа можност и привилегија да тренираат во најдобрата академија во нашата земја и пошироко. Треба да му бидеме благодарни“, нагласува ученикот свесен за огромниот придонес на Горан Пандев.

Како и сите кои храбро загризуваат во животот го прашавме каде се гледа во иднина, а неговиот остроумен одговор го потврдува фактот дека во работите не треба да те обзема претерана еуфорија туку приземјеност.

„Би сакал некој ден да се разбудам знаејќи дека сум завршил добра работа, да ги направам горди сите што се трудат со мене. Сега сум на почеток и треба уште многу работа, многу обиди, а и среќа. Ако сакаш да одиш напред и да напредуваш треба да се фокусираш на промените, на грешките, а не само слепо да „трчаш“ по резултатот – тоа само ќе ти ги заплетка нозете“, одговори дополнувајќи дека сака да биде семеен човек со успешна фудбалска кариера.

За крај, како порака до младите кои поради Фејсбукот и разните „чудби“ на компјутер физичката активност одамна ја испратија во „пензија“, фудбалерот Игор сподели:
„Што е катастрофа за млада личност? Да биде физички неактивна! Никогаш не споредувам и убедувам дека треба да се занимаваат толку професионално и активно. Само поради грижа за нив самите треба повеќе да внимаваат на исхраната и да се активираат затоа што има и начини и причини и услови, само треба свест и малку труд“,

2260 Вкупно 1 Денес