На разговор со Костадин Каркаљашев

За професорот Костадин Каркаљашев сите знаат дека бара принципиелност, активирање во часот и секогаш пристигнува заедно со звукот од ѕвончето со картата в рака. Преку ова интервју дознајте кои се другите два најголеми таленти кои ги негува професорот по географија.12 kostadinkarkaljasevВие Вашето средно образование го имате завршено во истите клупи во кои учат денес Вашите ученици. Кажете ми каков ученик сте биле?
K.K. По успех бев многу добар ученик, а по редовност можеби најредовен од сите. Инаку карактерно бев темпераментно дете ама се разбира во границите на нормалата.

Средношколството важи за период кога ги доживуваме оние најинтересни и незаборавни моменти од животот. Кои се случувањата кои Вие би ги издвоиле од Вашиот средношколски живот?
К.К. На прво место овде би ја ставил екскурзијата низ Југославија. Тогаш не беше по иста позната маршрута каква што ја имаме денес, но сепак оттаму носам голем број сеќавања. Исто така, карактеристично за мојата генерација беше тоа што немавме матурска вечер, што за денешните генерации е несмисливо, а камоли прифатливо. Посетата на гробот на Јосип Броз Тито во Дедиње е еден момент од средношколството кое нема да го заборавам.

Сте учеле во време многу поразлично од денешното, каде општествените сфаќања биле многу поинакви од сегашните. Кои се недостатоците кои ги паметите за тогашните професори и кои се недостатаоците на денешните генерации ученици?
К.К. Вака, точно е дека времето кога јас бев средношколец по многу работи се разликуваше од денешното. Како најголеми негативности на тогашното образование во однос на професорите беше психо-физичката пресметка. На пример, честопати професорот знаеше да залепи некому шлаканица или да го навреди, не сносувајќи никакви последици. Она што денес го сметам како најголема „дупка“ кај учениците е релативната нередовност и неконтинуираното учење.

Како сте се одлучиле за професијата која Ве класифицира како географ?
К.К. Љубовта кон географијата ја стекнав уше од осмолетката. Морам да напоменам дека на тоа големо влијание имаше и моето семејство и неизбежното присуство на географскиот атлас на масата во мојот дом.

Освен како професор на струмичани сте им познат како гитарист кој пред многу години бил дел од популарните Пицикато. Плус, кога ви завршуваат часовите вие често влегувате во вашата работилница и се трансформирате во калајџија. Што ќе кажете за овие Ваши две други професии?
К.К. Музиката мене ми е дамнешно хоби и понекогаш во добро друштво знам и да засвирам. Ете, некогаш тоа добро друштво биле и учениците кои (не)намерно ги оставаат гитарите на некое видливо место. А како и секој страстен музичар ретко можам да одолеам на осамена гитара. Ако прво се предаде лекцијата секогаш има време за малку забава.
Калајџиството ми е дури втора професија за која во 1983 година полагав испит за да станам мајстор. Морам да признаам дека мојот татко и не беше воодушевен од мојата желба за таа работа, честопати дури и имав проблеми поради тоа, но мојата упорност беше поголема од сè.

guitar

Што според Вас е најважно за одржување на час?
К.К. Дисциплината е на прво место. По неа доаѓаат примерите кои јас практикувам да ги применувам итн.

Со улогата на професор се носите веќе долги години. Каков според Вас треба да биде професорот?
К.К. Пред сè професорот треба да биде пример за своите ученици. Треба да биде реален во оценувањето и да внимава на своите постапки.

За каков професор се сметате?
К.К. Па, јас сметам дека сум просечен професор и релативно попустлив.

Слабите оценки се чести кај Вас. Дали тоа значи дека имате превисоки критериуми?
К.К. Не, апсолутно. Никогаш тоа не ми било казнена мерка. Тоа што во мојот „црн“ тефтер во голем процент застапени се и негативните оценки е резултат на неучењето на учениците.

Како би ги натерале учениците да го подобрат својот успех?
К.К. Тоа што јас редовно го практикувам е почестата интеракција на сите ученици за време на часовите. Тие 45 минути концентрација и учество во лекцијата ја скратуваат работата дома и тоа учениците треба озбилно да го сфатат.

  • ПРОФЕСОРОТ НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО

Музика или географија? Географија.
Шпанска, италијанска или француска музика? Шпанска.
Омилен бенд? Direstraits.
Омилена песна? Historia de una amor.