Уште еден од текстовите во рубриката на најуспешни есеи направени за време на часовите по македонски јазик. Напишaнo пред новогодишните празници, ама со силна порака која ги засега сите, секој нов ден и секој нареден празник!
Пишува: Ангела Димитрова од II-6
Празничната магија е вирус против кој не се може, а за него нема ни вакцина. Всушност, кој би сакал да се штити од позитивната атмосфера и топлина која ги исполнува сите домови. Топлина зрачи моментот кога ќе се накити новогодишната елка и ќе го разубави домот. Возбудата при вклучувањето на светилките во најшарените бои те прави вечно дете. Но твоите дружења со Дедо Мраз одамна завршиле и кога пред спиење ќе ги изгасиш светилките, знаеш дека тој нема да дојде.
Во животот секоја личност раскажува една приказна, проткаена со крилести желби. Не, желбите не се закачуваат на гранки од дрвја, ниту пак на врвот на елката како најубав украс, а најмалку се скриени во кутивче со панделка. Не, тинејџерските желби не ни се толку едноставни. Сепак, верувајте, потешки се. толку далечни и чудни за оние кои треба да ни ги остварат, а нам ни изгледаат најлесни и најнормални. Ќе се сложат другите со мене дека кога си тинејџер како сите сили на светот да се здружиле против остварување на твоите соништа. Секоја година фали нешто. Или мама нема да ми ги купи и двата фустани кои ми се допаѓаа туку само еден. Или пак тато нема да закаже зимување за целото семејство. Ништо не ни остваруваат до крај! Секој би се уморил од постојано грешење на истата рецепта или од решавање загатка без престан која воопшто нема ни решение. Годинава одлучив да ги надмудрам сите препреки кои ме кочат и не ми го олеснуваат патот до среќата – добивање на совршен новогодишен подарок. Ќе си посакам нешто за кое не ми треба ни замислениот Дедо Мраз да го чекам за да ми ги оствари.
Открив како да направам подарок којшто нема да им тежи ниту да создава главоболка на моите родители. Сама ќе изработам кутија и ќе се радувам на мојот талент за цртање и декорирање. Во неа ќе ставам 365 збора. Низата ќе ја започнам со: здравје, љубов, мама, тато, насмевка, простувај, помагај, извини, благодарам, сакаш, можеш, успех, среќа, пријатели, музика… Секој ден ќе земам по една збор и таа мисија ќе ја остварувам. Што повеќе и треба на една млада личност? Животот е прекраток за да го полниме со безвредни подароци.