Општинскиот турнир во одбојка за женски е закажан за утре со почеток во 10 часот во салата „Димитар Влахов“. Освен математичарите со своето учество на КЕНГУР натпреварот, утрешниот ден ќе биде возбудлив и за одбојкарките кои ќе ги бранат трите последователни златни медали на општинско и државно ниво.
Во својата екипа професорот Спасе Пиличев ги има веќе искусните Марија Ричлиева, Елена Пандева, Ана Нистрова, Милена Коцева, Даниела Кечева како и Костадинка Илиева, Мартина Владевска, Елена Биџева, Соња Тасева, Марија Ташурова.
„Секоја година сум дел од училиштниот тим и секогаш се бориме за златен медал и затоа се враќаме непоразени. Се разбира, секогаш постои конкуренција, но и ние сме секогаш подготвени за најдобра игра, бидејќи кога излегуваш да играш, само играта ти преостанува како опција, веќе коцката е фрлена, а останува да изиграш како победник, бидејќи секој сака да биде на врвот“, вели искусната Милена Коцева од IV-2.
Со право може да кажеме дека екипата е спој на искусни спортисти кои голем дел од својот живот го посветуваат на одбојката и помлади аматери за кои ова е начин да стекнат искуство и да ги продолжат добрите резултати.
Костадинка Илиева е уште една ученичка која годинава прв пат е дел од тимот на нашето училиште иако позади неа стојат бројни професионални тренинзи и натпревари.
„За претстојниот натпревар се подготвуваме повеќе од две недели па претпоставувам дека нашето училиште ќе постигне најдобар успех зашто сите учеснички се навистина добро подготвени. Од текот на нашите подготовки сфатив дека нема потреба да се плашиме од конкуренцијата бидејќи верувам и во себе и во целиот одбран тим за годинава“, раскажува ученичката од прва година со многу високи амбиции.
Им посакуваме многу среќа и добра игра на утрешниот општински турнир!