Веселата музичка екипа на нашето училиште денес уживаше во слушање и изведување на француска музика во чест на месецот на Франкофонијата. Просториите на Младинскиот културен центар во Скопје два пати годишно се полнат со весели ученици кои заедно со своите ментори пристигнуваат од различни краеви на земјата. Од сите страни слушате разни совети за изговор на одредени зборови, штимање на инструментите, подготовка за сценски настап, шминкање и генерални проби под отворено небо.
Денес во МКЦ беа и нашите ученици Стефанија Стамболиска, Васко Дедејски, Слободанка Гражданлиева, Христијан Мучев и Саше Урдовски заедно со професорите по француски јазик Нада Божијанова и Ристо Ташев.
Вкупно 41 средношколец отпеа по една француска шансона пред публиката и тричленото жири. Некои со голема самодоверба дека тоа што го прават е најдобро меѓу конкуренцијата, некои со голема трема од јавниот настап и натпреварувачкиот карактер кој го има настанот.
На крајот од денот, жирито е причината за радост или разочарување на лицата на учениците и менторите. Според оценките на комисијата Слободанка Гражданлиева обезбеди пласман во финале кое ќе се одржи в петок, 28 март, со почеток во 20:00 часот.
Натпреварот беше искуство плус за Стефанија Стамболиска и Васко Дедејски чиишто одлични музички настапи ги оцени публиката со својот громогласен аплауз.
Сè е на сè, овој полуфинален ден од Француската шансона 2014 покажа дека меѓу средношколците има музички таленти кои сакаат да се натпреваруваат, дружат и да стекнуваат нови искуства.