Цигано е карневал во италијанското гратче Лагањано кој се одржува при крајот на месец март. Тоа беше повод за повеќе карневалски групи од Струмица да отпатуваат во Италија и да бидат дел од еден поинаков карневал кој се одржа на 23 март. Меѓу останатите претствници на струмичкиот карневал беше и четиричлена карневалска група од нашето училиште претставена преку професорките Зуле Цонева, Стаменка Џорлева, Билјана Костадинова и Жаклина Џорлева.
„Овој карневал беше малку поинаков од струмичкиот. Целиот карневал беше организиран како парада на маските низ градот, а нашите маски предизвикаа големо воодушевување меѓу луѓето и постојано беа придружувани со ракоплескање. Оваа што најмногу нè воодушеви беше гостопримливоста на домаќините. Сè беше беспрекорно организирано, бевме пречекани со традиционални италијански јадења, а секоја вечер се организираше забава за гостите од Македонија, Србија, Германија и други места“, раскажува професорката Билјана Костадинова за неколкудневната посета на Италија.
На воодушевување на сите гости, домаќините имале организирано посета на Верона, а на враќање и посета на Венеција така што нивното патување завршило со најубави спомени.
Според кажувањата на нашите претставници, може да претпоставиме дека годинешната маска на нашето училиште била како подготвена за карневалот во Лагањано и за нивната тамошна парада.