Министерството за образование и наука информира дека во тек е јавен повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, за учениците од основните училишта, како и јавен повик наменет за учениците од средните училишта во Република Македонија.
На повиците можат може да се пријават ученици, заедно со наставникот кој ги подготвувал за натпреварот, кои освоиле прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, во учебната 2014/15 година. Под меѓународен натпревар се подразбира натпревар на кој учествуваат ученици од најмалку десет различни држави.
За да може да се пријави ученикот, заедно со наставникот кој го подготвувал за натпреварот, треба да достави: потврда дека е редовен ученик, потврда за наставникот дека е вработен во училиштето, фотокопија од диплома за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки, трансакциска сметка на ученикот и на наставникот. Воедно, потребно е да се достави и доказ со кој ќе се потврди дека натпреварот е меѓународен од областа на математиката и природните науки на кој учествувале ученици од најмалку десет различни држави.
Повикот е отворен и пријавите може да се доставуваат секој работен ден до Министерството за образование и наука на следната адреса: ул. „Св.Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје, со назнака „За Јавен повик за доделување на парична награда за освоено прво, второ или трето место на меѓународен натпревар од областа на математиката и природните науки”, најдоцна до 30 Јуни 2015год.
Министерството за образование и наука ќе додели, поединечно, парична награда во износ од 50% од просечната нето плата исплатена по работник во Република Македонија во последниот месец пред доделувањето за освоено прво место, 40% за освоено второ место и 30% за освоено трето место.