Пролетните зеленила на младинскиот парк и просториите на велешкото средно училиште „Димитрија Чуповски“ викендов беа исполнети со младешкиот дух на учесниците на најголемото државно натпреварување МАССУМ. Стотици ученици од цела Македонија споделија свои трудови, таленти и енергија во вкупно 16 категории.
Од забавниот дел, особено внимание привлекува натпреварот за Најдобар соло изведувач. Меѓу 70-те пејачи беа и нашите Ангела Илиева, Слободанка Караманова и Ана Цамбулева. Музичката екипа се врати со двете највисоки награди, прва за Илиева и втора за Цамбулева.
Организацискиот технички пропуст не ги збуни нашите ученички и успеаја да го воодушеват жирито изгледајќи како да пеат пред илјадници луѓе. Доказ за тоа е големото и најретко отстапување на жирито кое годинава додели две награди во една иста категорија за учесници од исто училиште!
Претставниците на нашето училиште покажаа извонреден талент и квалитет, небаре доаѓаат од стручно музичко училиште каде што учат пеење, вокални техники и однос на сцена.
За нивниот ментор Анита Станковска оваа е петта година во низа со музички награди од МАССУМ. Со тоа се докажува дека музиката во нашето училиште е едно од најуспешните полиња за бројни генерации. Се гордееме со целата наша музичка армија!