Нашето училиште е познато по многу талентирани ученици, кои во средношколските години имале можност да ги истакнат своите квалитети преку соодветни натпревари, да работат вредно под менторство на своите професори, а со тоа да се стекнат и со дополнителни знаења од соодветни области со неизмерно значење за понатамошното образование.
Заврши една успешна математичка генерација. Двајца ученици кои ги освоија скоро сите можни награди од натпреварувањата по математика, посебно во последната завршна година Димитар Бајрактаров и Иван Мастев, продложија со своите успеси и понатаму.
Освен константните први награди од регионалните и државните натпревари, секогаш со максималните 100 поени, Димитар Бајрактаров освои бронзен и сребрен медал на Mакедонската математичка олимпијада. Тука се меѓународните награди како трета награда на Европскиот математички куп, два бронзени медали од Азиско-Пацифичка математичка олимпијада и Медитеранска математичка олимпијада.Учество на Балканска олимпијада, како и покана за учество на Интернационалната светска математичка олимпијада.
Иван Мастев е ученикот кој ќе го паметиме како добитник на златниот медал од Македонската математичка олимпијада, награда која се повтори после долги години во нашето училиште. И покрај тоа што со натпреварувањата од областа на математиката започна дури во трета година од средното образование, неговите успеси прогресивно растеа. Иван започна со прва награда од регионален, трета од државен натпревар, за подоцна да стаса до златен медал и бројни учества на меѓународни олимпијади. Неизоставни се и наградите за двајцата ученици кои во тим со уште некои ученици ги земаа и првите награди на повеќе интернационални онлајн натпревари.
Патот на успехот ги води понатаму. Димитар своето школување го продолжи на EPFL – државниот институт за технологија во Лозана, Швајцарија, а Иван на Факултетот за природни науки и математика во Марибор, Словенија.
Колку нашите таленти вредат, зборува и податокот дека уште на самите почетоци од нивното студирање се препознаени.
Иван веќе има понуда да биде дел од тимот што ќе го претставува неговиот факултет на Интернационална олимпијада во која учество земаат најдобрите факултети од Европа – Оксфорд, Кембриџ, универзитетот во Цирих и уште многу други.
Димитар го доби третото место на тимски натпревар на неговиот факултет, каде што се натпреваруваше без соучесник во неговиот тим. Единствено беше надминат од тим составен од два постдипломски студенти и од тим од еден студент на докторски студии, па му беше доделена највисоката награда – iPad – од руската компанија Јандекс.
Нашето училиште имало, има, и ќе има уште многу таленти со чии успеси треба да се гордееме!