Центарот за култура преполн за „Биди гимназијалец, биди економист“

За прв пат во историјата на нашето училиште, по повод патрониот празник се организираше манифестацијата „Биди гимназијалец, биди економист“ на која во време од час и половина учениците и професорите го покажаа својот музички и актерски талент и ја преполнија со различни генерации големата сала во Центарот за култура.

Нашето училиште редовно организира музички и сценски перформанси, но токму оваа манифестација се разликува од другите бидејќи за прв пат на сцена запееја и одглумеа и професорите, една од главните причини за манифестацијата. „Веќе неколку години наназад во нас лееше идејата на сцена да ги собереме учениците и професорите“ – вели директорката Стојанова.

Додека ритмичката секција и останатите ученици и професори играа и пееја на сцената, во позадина преку кратка проекција беа прикажани спомени од училиштето и успесите на неговите генерации ученици, како што рече и директорката Невенка Стојанова, „целиот перформанс е замислен како еден времеплов, да ја прикажеме гимназијата од времиња стари па до сегашно време“.

Манифестацијата ја отвори пензионираната професорка по Француски јазик Катерина Хаџи-Еленова која за овој настан беше повикана да дојде од Канада, а на сцена беше придружена од професорките Анита Станковска и Катерина Манушева како и директорката Невенка Стојанова на виолина. „Се сетив на годините кога овде работев, кога на генерациите го пренесував моето искуство, бидејќи не залудно е кажано дека младоста и лудоста си одат заедно“ – рече таа.

Освен музичките настапи, професорите со учениците на сцената исто така и глумеа, истовремено присетувајќи се на времињата кога тие биле ученици и меко забележувајќи ги нивните недопаѓања кај модата на младите. „Иако можеби живееме во време на модерна технологија, со генерација којашто понекогаш сакаме да ја искажеме како недисциплинирана, неодговорна сепак се работи за деца кои имаат креативност, имагинација и доволна одговорност“ – изјави директорката неколку дена пред настанот.

За успех на еден ваков настан во кој се ангажирани стотина учесници, според професорката Анита Станковска, организатор на настанот, потребен е висок праг на толеранција, разбирање и соработка. „Крајно сум благодарна на сите колеги и ученици. Имиња на колеги нема да спомнувам, но имам потреба да се заблагодарам на учениците: Ѓорги Кренков, Митко Ников, Тимотеј Заевски, Ана Вукашиновиќ и Гонце Ѓоргиева кои на публиката им овозможија и визуелно доживување. Благодарам и на III-8 за изработката на автобусот“ – објави таа на својот Фејсбук профил.

За остварувањето на оваа манифестација главната заслуга за идејата и координацијата ја имаше профсорката Анита Станковска, а ѝ помогнаа и професорката Катерина Милушева за сценариото, на кореографијата и сценографијата работеа професорките Полина Ашикова и Љупка Галаска Василева, а за музичкиот аранжман се погрижи професорот Денис Кирчанов.

ФОТОГАЛЕРИЈА (Митко Ников)