Положено свежо цвеќе пред бистата на патронот Јане Сандански

Во чест на патронот на нашето училиште и одбележувањето 146 години од неговото раѓање и 103 години од неговата смрт, претставници на училиштето, Општина Струмица и Сојузот на борците во Струмица положија свежо цвеќе пред бистата на Јане Сандански во дворот на училиштето.

Денес нашето училиште го одбележува својот патрон, националниот херој и револуционер Јане Сандански, кој пред 103 години загинал на Пирин Планина. Пред неговата биста во дворот на училиштето, претставници од училиштето, општината и Сојузот на борците положија свежо цвеќе и преку поемата „Јане Сандански“ на Кочо Рацин се потсетија на неговиот живот и дело.

„Денов е исполнет со убавина! Нè поздравува и потсетува на минатото и луѓето кои оставиле свој печат во историјата. Некои луѓе навистина успеваат да се запечатат длабоко во срцата, па колку и деновите да одминуваат, колку и да се пишуваат нови истории, телото го снемува, но духот останува за да го просветли животот на генерациите кои по него доаѓаат“ – рече директорката Невенка Стојанова.

Во рамките на одбележувањето на патронот на нашето училиште вечерва во НУЦК „Антон Панов“ со почеток во 20 часот ќе се одржи и музичко-сценскиот перформанс „Биди гимназијалец, биди економист“ на кој учениците и професорите ќе го покажат својот талент преку песна и сценска игра.

ФОТОГАЛЕРИЈА