Повеќе од 250 ученици од Струмица и Делчево меѓу кои и наши ученици зедоа учество на интерактивниот семинар за млади „Роботика и дигитални вештини 2018“. На семинарот учениците се здобија со нови знаења од областа на роботиката и дигиталниот свет, но исто така имаа можност и да ги претстават сопствените познавања.
Самиот настан беше отворен од хуманоидниот робот од Бугарија НАО, а учениците се запознаа и со тоа како тој функционира. Освен тоа, учениците имаа можност и да изработат сопствени роботи – колички со кои потоа се натпреваруваа во туркање. Тие исто така добија низа нови знаења за дигиталниот свет, криптовалутите како и 3Д принтерите.
„Дигиталните компетенции се клучни за професиите на иднината и приоритет на програмата за прекугранична соработка помеѓу Бугарија и Република Македонија. Темата исто така одговара на еден од четирите приоритети на бугарското претседателство на Советот на ЕУ 2018, „Дигитална економија и вештини на иднината“ – стои во Фејсбук објавата на Фондација Бугарска памет која е финансиер на семинарот.
Помеѓу предавачите кои ги внесоа младите во светот на високата технологија беа и Диман Михнев, еден од основачите на Робо лига Бугарија како и финансискиот експерт Бисер Манолов кој ги запозна учениците со основните концепти од сферата на блокчејн технологијата и криптовалутите. Специјален гостин беше и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски кој апелираше за повеќе вакви иницијативи.
Инаку нашите ученици-програмери изминативе месеци работат на меѓународен училишен проект преку кој со помош на робот Лего Мајндсторм ЕВ 3 се учат да програмираат во програмскиот јазик Пајтон. Преку него тие се надоврзуваат и го користат своето искуство и во експерименти и задачи од Математика, Информатика и Физика, а со посетата на овој семинар уште повеќе се запознаваат со роботиката.