Ученици и наставници од нашето училиште од 9 до 13 март беа во посета на Сфанту Георге, град во централниот дел на Романија, во рамки на Еразмус Плус проектот на тема „Мултикултура, диверзитет, интеграција, еднакви можности“ и отворија соработка со тамошното училиште „Михај Храбар“.
Во овој проект учествуваа шест училишта од државите: Северна Македонија, Романија, Германија, Италија, Турција и Естонија. Тимот од нашето училиште беше составен од двајца наставници, Софија Тошева и Славица Милева-Ефтимова, и учениците Тимотеј Заевски, Зора Лазарева, Павлина Ефтимова и Ангела Николова.
Во текот на јануари и февруари овој тим требаше да изработи неколку подготвителни активности поврзани со мултикултурата, диверзитетот, интеграцијата и еднаквите можности. Најпрво, беше даден оглас во училиштето за изработка на постер на оваа тема. Од пријавените, победи постерот на Тимотеј Заевски. Истиот постер со гласање од сите учесници во проектот беше избран за најдобар и ќе биде отпечатен на маици во наредната активност.
Во подготвителните активности влезе изработката на презентација за националностите во нашата држава, изработка на прашалник и сумирање на резултатите од истиот, изработка на видео интервју со претставници од националностите во нашата држава: дали се прифатени, како се чувствуваат во однос на тоа и слично, како и изработка на драма поврзана со дадената тема.
Патувањето и престојот во Романија беше непредвидлива авантура. Во Романија бевме топло пречекани од домаќините, нашите ученици беа сместени кај тамошни ученици. Активностите започнаа во понеделник. Секое училиште се претстави, учесниците се запознаа меѓу себе, присуствувавме на часови во училиштето, наставниците имаа заеднички активности со своите колеги, но и со сите ученици, а беше организирана и посета на кабинетот на градоначалникот на тамошната општина.
Наредните денови во училиштето беа претставени изработените проекти: постерот, презентацијата и изработените видеа. Во присуство на директорката на театарот во Сфанту Георге, беа презентирани драми во кои се обработени проблемите на мултикултурата, религијата, различностите.
Поради мерките за забрана за движење кои започнаа во тој период согласно прогласувањето на пандемијата поради КОВИД-19, не се одржаа предвидените екскурзии до околните туристички атракции, како и посета на театар, но и покрај тоа, учениците ги завршија предвидените активности поврзани со проектот. Тие се стекнаа со многу пријатели од други земји, разменувајќи разни искуства. На завршната вечер беа доделени сертификати и се организираше традиционална вечера, на која учесниците донесоа храна специфична за нивната земја.
Текстот го подготви: Славица Милева-Ефтимова