Да бидеме хумани

Текст на Катерина Ќосева – професор по македонски јазик

                                                                                Д А  Б И Д Е М Е  Х У М А Н И

Игор беше другар на мојот син, а неговиот татко другар на мојот прерано изгубен брат. Поради тоа го чувствував како многу близок член на мојата фамилија. Но,пред неколку години, во далечната Америка, Игор доживеа голема несреќа. Јас бев првата од каде што започна приказната за помош на Игор насловена како ДА ЈА РАЗБУДИМЕ ХУМАНОСТА.

  Илјадници млади луѓе во Струмица маршираа во чест на Игор, беше организирана и хуманитарна модна ревија, драмски претстави и концерти. Сето тоа ме направи да се чувствувам горда бидејќи бев дел од тој проект. Тоа за мене не беше обична донација ами многу повеќе од тоа. Тоа беше како да дарувам дел од себе, дел од својата душа, дел од моето срце. Како да сакав да му покажам на Игор дека не е сам, дека младите од Струмица се со него, сочувствуваат со неговата несреќа, сакаат да му помогнат, да споделат. Верувам дека сите тие споделени моменти стигнаа и до Игор.

   Но,тоа не беше крај. Потоа помогнав на мојата колешка од Берово чијашто куќа изгоре во пожар, па следуваше хуманитарната акција за децата од Банско.
Ноќта кога го гледав концерот за Тоше во изведба на хористите од нашето училиште сфатив дека има кој да ме поддржи, да го прифати и продолжи моето залагање за помагање на оние на кои им треба помош.
Да помагаме, да даруваме, да бидеме хумани!
Она што за нас не значи ништо, за некого е премногу.
Дарувањето не секогаш значи материјална помош. Понекогаш само една насмевка, една подадена рака може да значи многу. Впрочем, како што и Мајка Тереза ќе забележи: ЛУЃЕТО НЕ СЕ ГЛАДНИ ЗА ЛЕБ АМИ ЗА ЉУБОВ И ВНИМАНИЕ.