Да се плашиш од љубовта значи да се плашиш од животот

Средношколска писмена на Соња Фиданова – професор по физика

  Да се плашиш од љубовта значи да се плашиш од животот
Чинам почнувам да гледам дури кога ќе ги склопам очите. Кога сè околу мене ќе се претвори во сон, а сонот ќе стане стварност. Тогаш кога сосема убаво го слушам шепотот на ветрот и ѕвонот на Ѕвездите кои го бараат моето срце. Ги бараат најтемните катчиња од мојата душа за таму да го вгнездат својот копнеж, својот немир, својот идеал, наречен едноставно – ЉУБОВ. Тонам во тоа море во кое секоја капка е едно чувство. Би била неизмерно среќна да може да потонам во него. Целото тело да ми биде исполнето со благословената течност и во таква состојба да се вивнам во вечноста за да најдам спокој. Но, немирот е мое секојдневие. Срцето трепери како лист секогаш кога во своја близина ќе го насети присуството на нејзиното величество – ЉУБОВТА.

Како да живееме со неа? А како пак без неа? Единствено со љубов животот е достоен да се живее. Единствено тогаш борбата има смисла. Вистинската вредност на животот може да се почувствува дури кога портите на срцето ќе бидат заскокоткани од златниот клуч, кој единствено може да ги отвори и да им овозможи на чувствата да влезат.

Каков ли би бил животот без љубов? Како би се раѓале доколку нашите родители не се сакаат? Како би растеле доколку ние не бидеме сакани? Се плашам дури и да помислам на тоа. Во ниеден момент не треба да се плашиме од љубовта. Сите ние едноставно треба да се плашиме да останеме без неа. Ако останаме без љубов тоа значи дека сме останале без живот. Затоа што животот и љубовта се ист поим, и ДА СЕ ПЛАШИШ ОД ЉУБОВТА , ЗНАЧИ ДА СЕ ПЛАШИШ И ОД САМИОТ ЖИВОТ.

Што би значел животот доколку низ него не не води душата? Срцето е единствен патоказ достоен да се следи. Ако само му дадеме можност тоа ќе ни го осветлува патот и секогаш ќе не води на вистинското место. Онаа што тлее во него ќе биде наш предводник и сенка, или сопатник и чувар. Огнот од љубов кој гори во моето срце и се заканува да ме претвори во пепел, воопшто не ме плаши. Ветрот ќе ја разнесе пепелта за да може да ги следам сите оние луѓе кои ми значат во мојот живот. Пламенот кој е толку силен во моето срце го запаливте сите вие кои сте дел од него. Па затоа и на вас е посветена оваа искрена исповед. Затоа ве молам, не дозволувајте да згасне. Ако згасне тој пламен ќе згасне и мојот живот. Тогаш на дланките на мракот ќе почива едно младо тело, во бескрајната темнина ќе лебди една невина душа, низ солзите на небото ќе плаче едно мртво срце, желно за ЉУБОВ И ЖИВОТ.