ДУЕЛ: Единица или двојка?

Иако нашето училиште постојано нижи успеси без разлика дали е од областа на природните и општествените науки, економијата или уметностите, сепак оваа тема ги засега оние „помрзеливите“ ученици кои ги има секаде. Која е разликата помеѓу единицата и двојката и која е полесна за добивање, од аспект на ученици или за ставање, од аспект на професори, дознајте од ставот на денешните соговорници. 

Васил Поп-Стојанов – ученик во трета година 

Од аспект на ученик сметам дека дефинитивно двојката има мотивирачка моќ, а колку само радост може да предизвика и да го разубави викендот или празниците на некои кои со радост ја очекувале. На ова би додал дека колку што е можно нејзиното позитивно влијание толку се можни и негативните последици од типот неоправданост на добиената оценка.

Од друга страна пак, добивањето на единица може да биде толку демотивирачко што ученикот ќе ја изгуби секоја желба за учење, па истата да ја претвори во гневно ривалство со професорот.

Не е тајна дека поголем дел од професорите се одлучуваат за единица. До кога ќе слушаме дека 35% од учениците во еден клас, па некогаш и во генерација, добиле недоволни оценки и тоа по еден ист предмет? Зар тоа не е неуспех на професорот, неговиот начин на предавање или мотивирање на учениците. Барем, да не се лажеме. процентот е незанемарлив!

Еден од факторите за добивање на слаба оценка е резултат на поделбата меѓу учениците од страна на професорите, незаинтересираноста на учениците за наставната содржина и експериментите во реализацијата на наставната содржина.

Без оглед на сè училиштето е место каде стекнуваме рутина и работни навики, а оценките само фигурираат во дневникот. Пред сè треба да учиме за да научиме, а не да добиеме поголема оценка.

Уверен сум дека секој може да биде мотивиран за една двојка. Првиот впечаток не треба да биде и последен, секој заслужува втора шанса!

Соња Иванова – професор по англиски јазик

Веднаш носам одлука за двојка. Зошто? Едноставно затоа што, овој, да го наречам „принцип“ според мене носи многу повеќе успех и резултати. Вообичаено е да се „жалиме“ и негодуваме дека учениците недоволно учат, дека се незаинтересирани и немотивирани.

Ова е навистина точно, но каде е проблемот?
Дали повеќе мотивира ако му пријдеме на ученикот со доверба дека може да постигне или со недоверба, во смисла „седи, единица, не си учел“.
Истото е и во секојдневието, на пример кога одиме на пазар. Купуваме она што ни треба или што ни го привлекло вниманието. Ако она што го предаваме или начинот на кој предаваме е едноличен, како можеме да очекуваме дека учениците ќе го прифатат? Едноставно го одбиваат. И продолжуваме со тажната констатација „Кога ние бевме ученици, колку учевме, колку беа строги професорите, колку се плашевме!“

За среќа, би рекла дека ова не е случај. Замислете кога сè би било исто како тогаш! Да не се менуваат генерациите и да се „послушни“ како ние! Да се „плашат“ како ние! Би било катастрофа. Па само тоа носи напредок. Да мораме ние да се менуваме и прилагодуваме, односно да наоѓаме начини да им го доближиме она што е програма, до нив, да почувствуваат потреба да го научат, да ги убедите дека им треба, дека не е нешто што им припаѓа на „учените“, туку дека секој млад човек за да функционира во животот треба да располага со квантум на знаење. Дека во моментумот во кој тие треба да опстанат и нормално да функционираат она што се учи е неопходно за нив. Да се вклучат во работата на час, да биде работилница, а не слушална, со рацете зад грб и никој да не шушнал случајно.

Е, тоа се работите што мораме ние да ги промениме за да го промениме и односот на учениците кон наставата, а тоа значи постигање на задоволителни резултати.