Е-училиште: Светски признаенa платформа и привилегија за нашите ученици

Наставниот кадар во нашето училиште преку разни проекти се труди максимално да оствари попрофесионална комуникација и ширење на знаењата преку можностите кои ги нуди ерата на интернетот. Еден таков проект е Е-УЧИЛИШТЕ (клик за да отворите).eucilisteДоколку не сте знаеле, веќе трета години, гимназијалците кои го изучуваат предметот информатика кај професор Софија Тошева имаат можност да ги користат бенефитите на оваа светски признаена електронска платформа којашто е своевиден предвесник на екстерното електронско тестирање.

Накратко, тоа е слободна платформа (која има и комерцијално издание) прилагодена за средношколски потреби зад чие финансиско одржување и комплетен македонски превод стои професорката Софија Тошева.

„Идејата ми беше да го пополнам вакуумот од недостаток на учебници по информатичките предмети. Учениците полека се навикнуваат да ги вршат сите работи онлајн па ова ми се виде ефикасен начин за дистрибуција на литература, без да се повредат авторските права со копирање“, раскажува таа за почетоците на овој проект којшто се поклопува и со потребите за нејзиниот магистерски труд „Адаптивен систем за електронско учење“.
Доказ за истражувањата спроведени со системот се нејзините статии објавени на конференцијата E-learning Conference 2011 во Белград, но и на интернационалниот сајт (журнал) за Иновативни технологии во учењето IJet во 2012 г.
Системот функционира така што ученикот од дома си има преглед за постигнатото и преку свој профил (акаунт) ги следи сите новости, соопштенија, рокови, дополнителната литература. Плус има и онлајн-чат за секоја тема така што професорите и учениците комуницираат на едно професионално ниво.
Учениците на e-училиште може меѓусебно да си помагаат и да бидат ментори еден на друг. Секој се прилагодува на своите потреби и желба за учење. Професорката пак, може да ја следи активноста на секој ученик посебно според тоа колку време го користеле системот.Со опција за праќање проекти и задачи се добива оценка која системот сам ја изведува според претходно зададените критериуми од професорот и со тоа се избегнува и субјективноста.

Вакви системи (како Moodle) ги чекаат учениците на сите факултети за информатички технологии, а општо и на многу универзитети.

„Сите мои истражувања во однос на користењето на ваков систем за адаптирано
учење се покажаа позитивни за постигањата на учениците. Лесно се прават споредби од успехот на класови кои користеле и не го користеле системот. Исто така, додатната литературата и линкови кои ги предлага професорот на талентираните ученици им овозможуваат надградување и успех на натпреварите “, раскажува професорката Тошева за досегашните искуства.

Иако овој систем не го зема комлетно при формирање на оценката, сепак смета дека ги учи учениците да се поодговорни за своите обврски, да праќаат проекти во предвиден рок. Овде ништо не зависи од попусливоста на професорот бидејќи испуштениот рок носи 0 бодови.
„Првото тестирање за оваа година на 210 ученици ќе се случи оваа недела. Се разбира, време за прегледување на тестовите не се губи, но професорот однапред треба да ја пополни базата со минимум 100 прашања за секоја тема одново“, објаснува професорката за нејзината обврска кон апликацијата.Сега сме сигурни дена залагањето на професорите и интересот на учениците се формулата за бројните награди кои секцијата за програмирање и ИТ на нашето училиште ги собира секоја година.