Гласот на Ана Јанева

Текст на Ана Јанева – ученик во втора година                                                                  Да се изградиме во личности достојни за почит
Светол нов ден, исполнет со 24 часа можности, избори и ставови, совршени 1440 минути. Единствен дар, овој ден не може да биде заменет, надополнет или променет. Уживајте во поголемиот дел од него и немојте никогаш да заборавите дека најважно нешто во животот кое треба да го запаметите е ова: „Не е важно кои сте во очите на другите, важно е кои сте во своите очи. Не е работата да ги правите другите среќни кога вие не сте. “

Кажете ми кога гледате во огледало, дали се гледате себе или пак некој друг кој живее во вашето тело, некој кловн кој ги забавува сите, а сепак под својата шминка ги затскрива солзите?
Не е срамно ако не сте совршен, никој од нас не е, ниту пак ќе биде. Срамно е ако се срамите од себе. Сите ние можеме да бидеме подобри личности, но само ако сакаме. Срамејќи сеод себе нема апсолутно со ништо да си помогнеме. Не трудете се да бидете нечија бледа копија, туку бидете си оригинално ЈАС, створено од самите вас. Изградете се како луѓе кои ќе бидат достојни за почит.

Понекогаш во вас, а и во мене е присутна желбата да постигнеме нешто повеќе, да се изградиме како храбри личности, да се изгради сопствена слика проткаена од сопственото искуство како што чекориме по животниот пат. Копнееме да побегнеме во повесели времиња: смеење, седење во природа, уживање во секој ден од животот. Но денес, вчера и утре се исполнети со засенети моменти: умирање, потрага, плачење. Сепак, овие денови ќе донесат времиња кога ќе се лекува, ќе се гради и на еден свој парадоксален начин тие ќе станат најважните моменти од нашиот живот.

Можеби околностите не се баш најдобри, можеби на секого не му е дадена еднаква шанса да успее во животот, но желбата за работа и желбата за успех на крај ќе го изградат тој животен белег. Доживејте ја вистинската реалност, секоја чесна работа понудена за вас претставува само мал дел од вашиот животен белег. Искористете ја! Сонувајте за „блескавото“ и животот порано или подоцна ќе ви го донесе тој благодет.