Гласот на Кире Иванов

Текст на Кире Иванов – ученик во четврта година                                                                      Будењето на еден песимист

Дали некогаш во животот сте се чувствувале скршено и поразено? Можеби сте помислиле дека сте затворени во затворска ќелија, како животно во зоолошка, позади корозирани решетки, без излез. Дали некои денови сè ви оди наопаку? Утрото кога се подготвувате за училиште дознавате дека немате испеглани алишта, четката за заби ви паѓа, дознавате дека ви се потрошил гелот за коса, додека одите на училиште само што не ве прегазува автомобил, се карате со ваш соученик или пак ќе ве испрашаат по секој предмет ставајќи ви лоша оценка, па ќе помислите дека некој ви фрлил магија и сите лоши работи како магнет на железо се привлекуваат кон вас. Потоа се преоптоварувате со лошите настани кои ви се случиле во текот на денот, измачувајќи го вашиот ум и тело, страдајќи, потонувајќи во депресија и очај. Со тоа самите се отфрлате од реалниот свет не можејќи да се концентрирате на поважните работи во вашиот живот: пријателите, фамилијата, училиштето… Но дали еден лош ден треба да го смени вашиот поглед кон животот?

Најлошото нешто што може да се случи на ученик на наша возраст е смрт на родител, брат, сестра, пријател… ама секојдневно умираат луѓе и тоа е дел од вечниот танц на животот. Сепак, треба да се навикнеме на горчините кои ни ги дава животот. Никогаш не треба да дозволиме тоа да нè уништи психички, да нè направи негативци, да мразиме сè околу нас или да ги заборавиме училишните обврски.

Дали сте свесни за моќта на нашите мисли? Сигурен сум дека некој од вас ги има прочитано книгите на Џ. Марфи – Моќта на потсвеста и Тајната од Р. Бирн или барем сте слушнале за нив. Многумина ми имаат речено: „пих, досадни книги“, „сè исто се повторува“, „престанав да ја читам уште од првата страница“. За разлика од нив јас би рекол дека книгиве имаат прекрасен психолошки репорт, стремеж кон позитива и воедно тие се причина за моето „будење“. Патем, Марфи и Брин во книгите зборуваат за моќта на човечкиот ум прикажан како една голема градина. Какво семе ќе посадиме во градината таков плод ќе никне.

Пред да дознаам за овие книги не знаев да ги ценам работите кои ги имав, секогаш размислував негативно и единствениот изговор за тоа ми беше: „не сум песимист туку оптимист со искуство“. Секојдневно привлекував лоши настани и подоцна бев депресивен. Воопшто не бев свесен дека јас и мојот песимизам сме причината и магнетот за лошите настани. Едноставно не ја сфаќав моќта на моите мисли. Сè се промени за еден ден и откако ја прочитав книгата Моќта на потсвеста започнав светот да го гледам поинаку, да размислувам позитивно и да гледам на неговата убавина. Веќе се радувам на зајдисонцето и на прекрасните бои што ги создава на ребрестите облаци, уживам во црцорот од првите птици преселници, во џагорот на малите деца од моето маало додека трчаат по гумената топка, на ветрот додека го гали моето лице кога одам на училиште, им се заблагодарувам на моите родители коишто ми подариле живот. Почнав да им се радувам и на најмалите нешта што ги поседувам, па привлеков позитивни работи, успеси, награди, пофалби… Па и оценките ми се подобрија, професорите го променија мислењето за мене, дури и оние од економските струки што не ги знаев ме застануваа по ходниците прашувајќи дали јас сум Кире Иванов, притоа дофрлајќи голем број пофалби. Започнаа да ме вклучуваат во многу проекти, натпревари..

Сметам дека барем една од горенаведените книги треба да биде обработена во училиштето бидејќи сум сигурен дека има голем број луѓе кои страдаат од безброј проблеми во училиштето, со родителите, со љубовта, здравјето и притоа се чувствуваат пригушено, затворено и ужасно! Не се свесни дека со нивната песимистичка настроеност и негативност ги привлекуваат сите овие работи. Ако сфатите колку се моќни вашите мисли, никогаш нема да помислите на ниту една негативна мисла.