Green & Gills е иновативната компанија на економистите

Во втората половина од учебната година актуелен за нашите економисти е државниот натпревар за бизнис план каде што не е предизвик само учеството туку и одржување на традицијата со награди. biznisГодинава аплицираше само еден тим кој собра 20 ученици од економската струка предводени од менторите Гордана Василева и Јованка Михаиловиќ. Секој со своја обврска, од дизајнот, истражувањето, маркетингот, производите, SWOT-анализата… до комплетен и професионален бизнис план.

Нивното претпријатие Green & Gills е начин да се дојде до извор на здрава, свежа и органска храна. Учениците во улога на претприемачи велат дека нивната страст за органско овошје и зеленчук ги тера да им обезбедат на нивните клиенти најсвежи и највкусни органски производи.

„Сите имавме доделено задачи кои требаше да ги извршиме и секако секој ги работеше оние задачи и деловни од бизнис планот во кој смета дека е најдобар и има најмного познавања. Јас учествував во процесот на истражувањето, правњето анкети и сумирањето на резултати од истите. Придонесов во изработката на SWOT-анализата, а најмногу работни задачи имав за делот маркетинг план. Исто така по потреба помагав речиси во сите делови од подготовката“, раскажува ученичката Мирјана Илиева за нејзините ангажмани.

Органски домати, крап, пастрмка, краставици, шери домати, брокула и карфиол се дел од производите кои ги нуди оваа претпријатие. Позборувавме и со Цеце Ристова, почесен „сопственик“ на компанијата која ги споделува своите активности при тимската работа.

„Делот поврзан со целосен опис на производствениот процес и детали за секој елемент посебно ни беше доделен мене, како сопственик на компанијата, и на уште неколку ученици од екипата. Ние уживаме додека работиме разменувајќи нови идеи и искуства“, раскажува таа.

cece

Меѓу нашите соговорници беа и Сара Ангелова – ангажирана за превод, изработка на флаери и летоци, истражување; Марија Галевска и Јулија Накова за составување прашања за анкетните прашалници, правење анализа од добиените резултати и сл; Мартина Спасова задолжена за превод од англиски на македонски јазик, а потоа и изработка на католог на производите; Ангел Мастев – соработка со претпријатија, граѓани и ресторани кои беа потребни при истражувањето.
Дел од екипата беа и учениците Софија Христова, Ана Јанева, Васил Поп-Стојанов, Верица Терзиева, Мила Чалшева, Димитар Дончев, Горан Јанев, Марија Николова, Ана Мачукова, Павле Иванов, Мартина Соколова, Живкица Бонева, Катерина Караманова и Викторија Тренчева.

„Ниту еден од нас не е добар колку сите заедно“, истакна Јулија Накова дополнувајќи дека подготовките биле интензивни и напорни, но големо задоволство учење нови работи од многу области, како од земјоделство, техника, организација.

Од нив слушнавме многу интересни дефиниции за тимското работење:

„Тимското работење е залагање од страна на повеќе луѓе за остварување една цел со збир на идеи, мислења и познавања“, вели Сара Ангелова.

„Успешен метод на работа каде клучни се тимскиот дух, комуникацијата меѓу учесниците, атмосферата која овозможува да се достигнат очекуваните цели, поддршката од водичот…“, смета Марија Галевска.

„Начин на кој може да се постигнат поефикасни резултати, бидејќи доаѓа до спој на повеќе мислења и одлуката која ќе биде донесена ќе биде правилна и рационална“, вели Мартина Спасова.

„Тимското работење дозволува да увидиш кои способности ги имаш и по што се разликуваш од другите. Ќе видиш што можеш сам да завршиш, а за што ти треба помош од другите“, Мирјана Илиева.

Мошне важно е што овој натпревар е вистинска прилика за спроведување на теоретското во практично. Сите се согласни дека со тоа што се дел од тимот имаа можност да се соочат со реални ситуации, а некои дури научиле повеќе од тоа што го имале разбрано на часовите. Освен тоа, според кажувањата на учесниците, натпреварот може да ја побуди желбата на секој ученик еден ден да основа сопствен бизнис.

Така, Сара Ангелова научила дека поздраво е да се јадат органските производи и за нивните придобивки за разлика од обичните. Марија Галевска научила нов процес за производство на органска храна. Мартина Спасова научила дека за да се формира еден бизнис план потребно е многу вложен труд, секоја информација треба да биде точна и брза со цел навремено да биде изработен секој дел од бизнис планот. Ангел Мастев научил повеќе работи, но најмногу за тимската работа. Цеце Ристова сфатила дека добро осмислениот бизнис план претставува водич и основа за успешно работење и започнување сопствен бизнис притоа пренесувајќи ја идејата во реалност.

„При изработката на овој проект научив многу нови работи кои навистина никогаш не сме ги работеле на часовите. Научив дека пред да се започне било каква работа треба најпрво да се соберат колку што е можно повеќе информации за неа, па дури тогаш кога ќе имаме доволно предзнаења да започнеме со работата, дека она што се случува реално во пракса е навистина тешко, но доколку доволно сакаш нешто можеш да го направиш“, заклучува Мирјана Илиева.

Освен што го испратија на прегледување кај комисијата, сработеното како финален производ е достапно преку видео реклами, веб-сајт и фејсбук фан страница.

Последните часови за подготовка како јаготка на шлагот им биле омилен дел од работата. Интересно било и правењето на анкетите надвор од училиштето и разговарањето со личности експерти во различни области. Без разлика на резултатите, учениците велат дека ќе се сеќаваат на часовите кога биле сите заедно собрани да разговараат, разменуваат мислења и преку работа остварувале дружба и забава. Новите пријателства и добрите односи и соработка со нивните ментори се уште еден бенефит од неколкумесечните подготовки за натпреварот.

918 Вкупно 1 Денес