Контрастот во болката на несреќникот

Гарванот е едно од најголемите дела во литературата којшто е вечен симбол за осамениот и разочаран поет, кој во депресивна атмосфера и време (полноќ, декември), се обидува да најде спас од мислите што го прогонуваат, од мислите за неговата сакана која повеќе ја нема. Прочитајте го еден од најубавите есеи напишани од перото на наш ученик.

sadВо еден потполен хаос, зачинет со џагор од разбранувана гужва сведокот на нередот исцртува мал ограничен простор каде на неразбирливите гласови не им е дозволен пристап. Повлечен е во свет на тишина. Тишина на спокојт, тишина на тагата, уморот или одморот, тишина на загубата.

   Заробеник на сопствените чувства и болни мисли кои ко ножови го сечат и апсолутниот мир, се навикнува на рани што никогаш не зацелуваат, соочувајќи се со маки при преминот од зуење на ушите во зуење на совеста и повторно излегува трпејќи го спротивното.

  Но, кога ќе изгуби некој, тоа остава празнина во која што таа изгубена личност некогаш била и ниту една свеќа, ниту една молитва не може да го смени тоа, затоа што на крајот се што останува е камена плоча со врежан ден на едно раѓањ и едно умирање и недофатливи спомени.

  Сепак надежта како вечен сопатник и недогорлив жар го поттикнува кон продолжување и поддржување на тој/тие свет/светови. Да, ќе речат некои, тоа прави да се чувствуваат подобро. Но за колку? За минута, ден? И не прави некоја голема разлика, бидејќи личноста веќе ја нема и тоа е непобитен факт против кој се обидува да најде аргументи, а секој во корист на фактот го одбива и гони, бидејќи е неприродно и несфатливо да се помири со него.

         „Од книгите штуро чекав спас од болот што ме штрека…Збор единствен што се рече, беше тажен, шепнат збор што низ ехо се врати во одговор.“ Смртта е толку честа појава околу сведокот, но не е самото исчезнување, умирање на личноста вистинскиот изvор на болката, туку загубата на она што таа претставувала за него и го правела за него, и колку и тоа да звучи себично, најчесто  е вистина.

  И самиот По го опишува ехото како единствено нешто кое се добива кога се бара неприсутен дел на реалноста, а кога најпосле ќе се сфати тоа, потсвеста реагира кажувајќи ја суровата вистина – долетува гавранот како претстава на неговата свесност за она што се случува и која ја ослабува неговата борба против болката застанувајќи на бистата на Палада. Зошто? Затоа што не можеш да се ослободиш од нешто ако оружјето ти е заблуда.

  И зошто тоа „nevermore“ толку тешко му паѓа на страдалникот – кога нешто постојано силно го оттурнуваш од тебе тоа ти се враќа и те удира многу посилно отколку што би било првиот пат.

  Тоа, како на сон, отсликување на отфрлената свест преку гавранот дава предлог за непент, односно заборав на личноста (Ленора), а со тоа и на болката и со одбивањето на таа мисла всушност се гледа контрастот во неговите размислувања и болки. Тој бара лек, а го одбива единствениот.

  Но дали би сакале некого што променил нешто важно во вашиот живот да го заборавите? Па тоа е дел од вас штом толку многу ви недостига. Нејзиното фрлање во заборав е еден вид непочитување. Доколку би можеле да заборавиме се што не мачи како тогаш би знаеле да разликуваме добро од зло? Дали тоа е навистина потребно е друго прашање, но доколку сега тоа настане, би се случил општ хаос.

          Всушност болката, барем онаа апстрактната никогаш не исчезнува, ами на неа се навикнуваме и кога би ни било понудено да ја отстраниме одеднаш веројатно би одбиле бидејќи тоа навестува нов процес на навикнување на нешто ново.

  Секој сведок на овие вртоглави вртолози различно се помирува со живеење во свет на загуба, а и добивка. Некои и не се помируваат. Но најлошото нешто што може да се направи и кое најмногу би ја отежнало ситуацијата е избегнување и негирање на она што веќе го знаеме.