Професорката ни открива дека отсекогаш била насочена кон нејзината денешна професија и со радост раскажуваше дека нејзините амбиции се остварени. Прочитајте какви се импресиите по двојната победа на натпреварот на француската шансона 2013, зошто треба да го знаеме францускиот јазик и многу интересни информации за неа надвор од училиштето.
- ПРОФЕСОРКАТА ВО УЧИЛИШТЕТО
Пред да влезете во водите на образованието како професор, секој од Вас имаше можност да го почувствува, а и анализира односот на професорите кон малите умни глави кои седат на ученичките клупи. Во тоа време каков модел на професор Ве мотивираше Вам да учите?
Н.Б. За пример сум ги земала професорите чијашто слика ја сочинуваат авторитет, огромно знаење, способност за одржување пријатна атмосфера, без страв кон него, туку со голема почит. Ги почитував оние кои беа подготвени да одговорат на секое наше прашање и кои сакат и умеат да помогнат во дадена ситуација. Секако, за професорот да биде комплетно успешен потребно е да биде праведен во оценувањето.
Низ кој пат одевте за да стигнете до сегашната Ваша професија? Дали го слушавте срцето или разумот?
Н.Б. Дефинитивно чекорев по патот слушајќи го срцето. Тој пат се усмери кон вистинскиот правец многу рано, ќе речам, уште од шесто/седмо одделение. Замислете, толку рано знаев дека треба да бидам професорка по француски!
Сè започна со начинот на којшто мојата наставничка во основното во Сандо Масев, Катица Станишлевиќ, го внесе францускиот јазик директно во моето срце. Почнав со учество на натпревари уште од седмо. Се сеќавам дека се натпреварував во пишување есеи на европско ниво, а во категоријата сите беа поголеми од мене. Таму бев меѓу десетте најдобри од Европа. Во осмо веќе добив прво место на државниот натпревар. Голема благодарност до професорката којашто ми укажа голема доверба и јас сама ги водев часовите за секција и дополнителна настава. Во гимназијата продолжив со ист ритам и максимално сконцентрирана на таа професија. Имав целосна помош и од покојната Мира Тошева. Овде продолжија и натпреварите. Така во втора година бев државен првак на републичкиот натпревар, а на ниво на Југославија бев четврта. По препорака на професорите добив стипендија од Француската амбасада и како студент отидов на едномесечно стажирање во француски Дижон. Тогаш имав прилика да го посетам Париз и бев фасцинирана, а тоа уште повеќе ме мотивираше. Многу ми значеше што во живо се запознав со француската цивилизација и култура и спомените до ден денес ми се многу свежи.
А колку Ви се свежи сеќавањата кога би се навратиле на Вашиот прв работен ден на долгопосакуваната професија?
Н.Б. Првиот работен ден ми беше во с. Ињево, Радовиш. Кога ми соопштија дека треба да одам таму, иако на замена, радоста не се опишуваше. Впрочем, покрај неповолните услови, во тој момент љубовта кон францускиот и кон оваа професија избија на површина. Ете, прифатив да одам уште во 5 и 30 часот наутро на автобус, а притоа да променувам неколку автобуси за да стигнам на работното место.
Улогата на еден професор во денешно време, ми се чини, станува сè покомплицирана. Секојдневно професорите се жалат дека не можат толку лесно да излезат на крај со учениците. Според Вас која е формулата потребна за учениците и професорот, двострано, да имаат успешен час?
Н.Б. Мошне важно е да ги заинтересирате учениците, да им го привлечете вниманието, да ги „испровоцирате“ да бидат активни во часот, да ја разберат секоја лекција и на крај да кажат дека не било толку тешко – лесно е. Минатата недела имав едно такво убаво искуство, кога после училишното ѕвонче учениците ми рекоа: „Каков убав час, да ти е мерак да седиш овде.“
Со сè помасовната употреба на компјутерите и Интернетот учениците стануваат, условно речено, „робови“ и „заслепени“ од англискиот јазик, бидејќи 95% од содржините се токму на англиски. Како денешните ученици пристапуваат кон учење на другите странски јазици, како што се француски, германски, италијански…
Н.Б. Најголем дел од децата мислат дека англискиот им е доволен. Да, англискиот е број еден, тоа не може да го противречиме, но потребен ни е и втор јазик кој ќе послужи при вработувањето или едноставно кога посетуваме други земји. Треба да се знае втор странски јазик бидеќи така сме побогати. Веќе не е престиж да го знаеш само англискиот, затоа што сите го знаат и време е да се концентрираме на втор јазик за да отскокнуваме од другите. Францускиот е втор по важност во Европа, а ние нели, се спремаме за таму, па зошто да не се пофалиме со нешто повеќе?
Кога би биле во ситуација да мора да ги убедите учениците да го сакаат, учат и практицираат францускиот јазик, со кои зборови најкратко би го сториле тоа?
Н.Б. Ученици, францускиот е јазик на љубовта, јазик на културата, јазик на димпломатијата, јазик со кој Европа ти е на дланка.
Како професор што континуирано учествува на натпревари би сакале да ни објасните, според Вас, која е улогата на менторот, земајќи го предвид фактот дека за такви настани секогаш се одбираат најталентираните ученици?
Н.Б. Точно е дека ученикот треба да го владее материјалот и да отскокнува од другите. Најнапред менторот треба да го пренесе знаењето, потоа да го мотивира ученикот да постигне што поголем успех, а тука е и неуморното корегирање. Впрочем, менторот треба да биде столб на доверба и тоа води до успех! Помеѓу ученикот и менторот мора да има многу добра комуникација, па децата ќе може сами да побараат дополнителни материјали, а ние ќе имаме слобода да ги укажеме грешките, па ако треба и со повишен тон.
Најсвежо случување беше Франкофонијата и натпреварот на француската шансона којшто е спој на музика, забава, натпревар и француски јазик. Професорке, кое е значењето на овој натпревар?
Н.Б. Македонија како земја членка на Франкофонијата активно учествува во одбележувањето на месецот на Франкофонијата. Нашето училиште го изучува францускиот јазик и во годишната програма е предвидено со свои ученици да учествува на тој натпревар. Ние тоа и го правиме. Јазикот добива промоција, како и француската култура, а учениците и јавноста сфаќаат дека не е толку тежок, убаво звучи, може да се пее и сите откриваме многу убави песни. Како што велат и самите ученици кои досега присуствувале на натпреварот, тоа е момент кога се пренесуваш во некој друг свет и на едно подруго, дури повисоко ниво.
Секој натпревар има подолг процес на подготовка. Би можеле ли да ни кажете нешто повеќе за начинот на којшто ги одбирате учениците, како се подготвувате и какво е чувството кога го гледате финалниот производ.
Н.Б. Најпрво, натпреварувачите мора да бидат мои ученици и треба да имат исклучително добар изговор на францускиот јазик. Второ, треба да имат добри гласовни способности и овде помага професорката по музика, А. Станковска, бидејќи ги знае вокалните можности на учениците.Потоа се вежба изговорот. Тука мора да се направи добар спој за на крај францускиот текст убаво да се отпее. За време на настапите на главната сцена јас најчесто сум и повозбудена и поемотивна од нив. Причината е што тоа го гледам и како мој натпревар, затоа што тоа е момент кога трудот на менторот треба да излезе на виделина.
И докажано е дека Вашиот успех ја здогледа светлоста на денот. Оваа недела може да се пофалите со двојна победа на годинешниот натпревар на француска шансона. Со какви амбиции тргнавте од Струмица, а како се чувствувавте после двете победи?
Н.Б. Знаејќи дека девојките се карактеризираат со одличен, совршен француски изговор, знаејќи колку труд вложивме, јас бев сигурна дека ќе добиеме некоја награда. Марија и Александра се натпреваруваа со тешки текстови, долги и тешки песни, но на пробите беа прекрасни, па тоа ми даде право да фантазирам за награда. Потоа, кога ги видов реакциите на публиката на полуфиналето веќе бев убедена дека добиваме некое место. Најискрено, воопшто не се надевав дека ќе ги „грабнеме“ и првото и второто место, но тоа и ме радува. Браво за жирито што ги препозна вистинските вокали и совршената изведба на песната со точен изговор на текстот. Ако имам вистински ученик не би пропуштила прилика и секако би продолжила и следната година затоа што едноставно тоа ме исполнува!
- ПРОФЕСОРКАТА НАДВОР ОД УЧИЛИШТЕТО
1. Најомилена игра од детството… криенка низ подрумите на комшиите или собирање низ малото и пеење песни – бесценето!
2. Животен предизвик… Имам достигнато сè што сум посакувала… како жена, како мајка, како професор.
3. Никогаш не… научив да ги сокријам моите емоции, да се преправам дека не сум повредена или да се смеам кога не ми е до смеење.
4. Извор на позитивна енергија е сопругот, синот и мојата работа.
5. Не сакам да… озборувам.
6. Предлог филм и книга? Иако овде нема да ја најдете, ви ја предлагам книгата Тереза Ракен од Емил Зола, а филм – Мирисот на жената.
7. Како мала… бев најмирна во градинката, а бидејќи имав долга коса другите често ми плетеа плетенки. Како ученичка бев амбициозна, а во основното од досада сами си организиравме натпревари.
8. Омилено хоби? Ме опушта грижата кон цвеќињата, готвењето и слушање добра француска музика.
9. Семејството е… остров, прибежиште, оаза на мирот, заштита од сите негативни енергии. Ти дава најголема сила. Семејството е центарот на мојот живот!
10. Личност на која се восхитувам… е дефинитивно Тоше и баш заради другата, хуманата страна на неговата личност, за којашто никој не знае. Да се биде хуман без вклучени камери – тоа го можеше само големиот Тоше!