Викендов во Струга присуствуваше наша 7-члена екипа со три свои проекти за популарниот државен натпревар Наноматеријали – материјали на иднината. Победничките на регионалниот натпревар одржан во Струмица го оправдаа својот епитет најдобри со тоа што се пласираа меѓу првите пет најдобри тима. Ученичките Лилјана Јешменова и Гордана Пандева за својот проект за дендримерите добија награда стипендија на Технолошко-металуршки факултет – Скопје.
„Додека го презентиравме проектот, и кога завршивме со него, навистина не знаевме што да очекуваме бидејќи зависно е од тоа дали нашата содржина и начинот на презентација ќе им се допаднат“, велат наградените ученички.
Главните елементи според кои се оценуваа тимовите од жирито составено од професори на ТМФ беа: содржината на презентацијата, начинот и стилот на презентирање, времето на презентирање и правилното изразување.
Дел од нашата екипа беа и учениците Анета Ѓоргиева, Љубица Томчева, Анита Василева и Христијан Мучев кои заради своите интересни проекти и успешни презентации добија право на учество на летниот двонеделен камп за наноматеријали финансиран од ТМФ и добија сертификати.
Честитки за успешниот „работен“ викенд на нашите ученици под водство на професорката Снежана Илиевска-Поповска.