Текст на Катерина Хаџи-Еленова – поранешен професор по француски јазик Најсреќен е оној човек кој ги усреќил другите
Најсреќен е оној човек кој ги усреќил другите. Да, токму така ќе го отпочнам моето пишување. Одбрав благородна професија и среќна бев и сè уште сум поради направениот избор. Оставив зад себе 37 работни години, сите исполнети со насмевка, убави доживувања во кругот на младите воспитаници, а се разбира со по некои мали нервози, ако може така да се наречат бидејќи младоста и лудоста (симпатично кажано) си одат заедно. Затоа сме ние позади катедрите да ја сфатиме младоста, да ги усмериме нашите воспитаници на вистинскиот пат.
Младите треба да си го одживеат своето време, но тоа не значи дека сè треба да им се дозволи. Треба да сфатат дека и нивните обврски мора да имаат место во нивниот ученички живот зашто само така ќе одат напред.
Никогаш не влегов на час без да посакам добар ден на моите ученици, без да ги прашам како се. Тие знаат да возвратат двојно за секој топол збор, за секое внимание. Го имаа моето рамо да се истажат за каков било проблем што ги мачи. Ја прифаќаа критиката кога не беа во право, а ги поддржував кога правото беше на нивна страна. Ги натерав полека сами да се оценуваат и тоа јавно. На почетокот беше тешко, но заврши со успех! Често и ним им велев да не ја одбираат мојата професија ако не чувствуваат љубов кон оние што треба да ги воспитуваат. Добар дел од нив ја сфатија оваа лекција. Сметам дека секој ученик може да се натера да научи нешто ако наставникот е упорен. Сè е можно ако се сака.
Понекогаш посакувам пак да застанам меѓу учениците и да дадам уште повеќе од себе иако дадов доволно знаење, разбирање, љубов и почит. И не жалам бидејќи денес ја чувствувам сласта од добро извршената работа. Се потсетив деновиве на учениците од мојот прв клас во гимназијата. Беа тоа 29 прекрасни, интелигентни, млади луѓе кои секоја година организираа велигденска средба со својата класна. Немам зборови да го опишам овој благодет од мојата професија. Или пак кога ќе се сетам на најпалавиот мој клас со 38 одбрани темпераментни ученици и за изостаноците што ги зголемуваа рапидно. Некој рекол: „Не е важно што се случува туку важно е како ќе реагираш на тоа.“ Преземената педагошка мерка вроди плод, без да биде навреден ниеден ученик. Како да го заборавам моментот кога сите 38 со ружа в рака бараа извинување од класната своја? Денес душата ми се разнежнува кога ќе помислам на некои од ваквите моменти.
Добар дел од моите воспитаници сè уште се во контакт со мене и тоа е огромно задоволство. Би пишувала уште многу, многу ама ќе завршам со констатацијата дека: „Мојата професија е голем подарок што сè уште го одмотувам…“